Сузбиена криминална група за транспорт на кокаин

Полициски службеници од МВР на Република Северна Македонија во соработка со полициски службеници од МВР на Република Србија реализираа акција за спречување  на меѓународен канал на транспорт на дрога од земјите на Западна Европа во Република Северна Македонија во која се запленети  еден килограм и 58 грама кокаин.

Во октомври и ноември 2019 година, од страна на Одделот за криминалистичка полиција и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал спроведена е истрага над организирана криминална група која се занимавала со организирање на транспорт на наркотична дрога „кокаин“, од земјите на Западна Европа во Република Северна Македонија. Групата се занимавала и со улична продажба на наркотична дрога „кокаин“ на подрачјето на Скопје, Тетово и Гостивар.

На 06.12.2019 година во координација со Одделот за специјални полициски операции, лишен од слобода е Х.С (26) од с.Речане-Гостивар, кај кого во патничко моторно возило „сеат леон“ кое го управувал, а го паркирал на територија на Република Србија, во багажниот простор пронајдени се 1.058 грама кокаин. Х.С. кокаинот го транспортирал од Белгија до Република Северна Македонија. Исто така, лишени се од слобода и главните организатори на транспортот на дрогата Р.Љ (36) од с.Арачиново-Скопје и М.И (35) од с.Речане-Гостивар. Овие лица и претходно биле кривично пријавувани за дела од областа на недозволената трговија со дрога за што издржувале и казни затвор.

По целосно комплетирање на доказите против лицата ќе биде поднесена соодветна кривична пријава до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција.

 

Треба да знаете
Последни објави