Заменик-министерот за локална самоуправа Дејан Павлески работно ги посети општините Градско и Демир Капија, и со градоначалниците Роберт Бешовски и Лазар Петров направи увид во спроведување на проектите поддржани преку Програмата за рамномерен регионален развој во изминатите две години.
Како што соопшти Министерството за локална самоуправа, во Градско се работи за проектирање улици во населените места, изградба на две улици во село Водоврати, набавка на канти и контејнери за отпад и изградба на откупен центар за земјоделски производи, а во општина Демир Капија – унапредување на животната средина, пејзажно и комунално уредување на реката Бошавица и изградба на клучка за ново сообраќајно поврзување со автопатот Е-75.
– За Вардарски плански регион во изминатите две години издвоени се 93 милиони денари, од кои за Градско 8.300.000 денари, а за Демир Капија 11.300.000 денари. Наредната година средствата за рамномерен регионален развој ќе се зголемат од 10-15 проценти Нашата цел е да решаваме конкретни проблеми на граѓаните преку реализација на реални проекти кои ќе го подобрат квалитетот на животот во општините и регионите, истакна Павлески.