Лидерката на Хонгконг, Кери Лам денеска повторно ја исклучи можноста за правење нови отстапки за демонстрантите, кои повеќе од шест месеци протестираат барајќи исполнување на пет барања.
Тие. меѓу другото, бараат премиерот и пратениците на Хонгконг да се избираат директно, како и да се спроведе независна истрага за постапките на полицијата врз демонстрантите.
Единствено барање кое досега е исполнето е повлекување на предложениот закон за екстрадиција, кој беше повод за почеток на протестите во јуни.
– Што се однесува до другите барања, мора да се држиме до некои важни принципи. Ако одделни барања принудуваат од нас отстапување од законите, непочитување на владеењето на правото во Хонгконг, тогаш не можеме да ги прифатиме, истакна Кери Лам.
Едно од барањата на демонстрантите е и амнестија на повеќе од 6.000 уапсени учесници на протестите. Лам нагласи дека и тоа не е законски можно.
Изминатиов викенд се одржа голем марш на кој, според проценките на организаторите, учествувале 800.000 луѓе. Тие извикувале „Пет барања, ниту еден помалку”.
Лам изјави дека протесот „ја покажува слободата која ја уживаат граѓаните на Хонгконг”, тврдејќи дека обвинувањата за ограничување на слободата се неосновани.