Заправилно информирање на јавноста во поглед на постапувањето на Основното јавно обвинителство Скопје по извршените претреси од страна на МВР во Грчец, Арачиново и на други локации во Скопје врз основа на наредби издадени од судија на претходна постапка на 7 декември, Обвинителството ја известува јавноста дека постапуваше по поднесена кривична пријава против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од чл.396 ст.1 од Кривичниот законик.
Со Решение на судијата на претходна постапка на лицето му беа определени мерки на претпазливост, а Основното јавно обвинителство Скопје вложи жалба на ова решение.
Во однос на другите лица лишени од слобода при извршените претреси, од МВР до Основното јавно обвинителство Скопје не беа поднесени кривични пријави, туку беше поднесено едно известување за одземени предмети и за обезбедени траги од лице место, за кои дежурен јавен обвинител веднаш истиот ден, согласно Законот за кривична постапка, издаде наредби за вештачење до МВР – Оддел за криминалистичко-технички испитувања и вештачења.
Обвинителството, како орган на прогон, по евентуално дополнително поднесени кривични пријави, поткрепени со докази обезбедени на законит начин, ќе постапи согласно своите законски надлежности.
Притоа, за секое пријавено лице, јавен обвинител ќе одлучи дали се исполнети законските услови да предложи мерка притвор, куќен притвор, мерки на претпазливост или други мерки за обезбедување присуство во текот на кривичната постапка.