Како и на претходното рочиште кога сведочеше Орце Камчев, така и денеска адвокатот на Боки 13, Сашо Дуковски го оспори сведочењето на Ана Камчева.
Според него, таа на денешното судење сведочела различно од изјавата во истрагата, што обвинителката Вилма Рускоска го оспори дека е надополнување на факти, а не со измени.
Дуковски ја праша дали 350.000 евра биле дадени во несесер, а таа потврди. Таа негираше дека Бане Поповиќ бил контактот туку само Кичеец.
Дали како правник сметате дека во вакви ситуации сте требале да ја поднесете претходно и до ОЈО, праша Дуковски.
Таа одговори потврдно, но со констатација дека ситуацијата налагала да го направи спротивното, како и дека со Горан Николовски не се сретнала во канцеларии во МВР.
Откако повторно повраќаше, Боки почна да ја прашува Камчева. И тој праша дали преку Бане Поповиќ барала да се сретне со него, што таа негираше.
Камчева рече дека Боки не разговарал директно со обвинителката Стефанова туку индиректно преку Јанева.
Како ја опишувате и доживувате улогата на Кичеец во овој случај, праша Боки, но истото беше одбиено од Судот.
Кое е лицето Лидија Јаневска и дали преку неа од Јанева побаравте помош во ослободувањето на Орце, праша Боки. Камчева негираше, но потврди дека таа и е пријателка, сопственичка на ресторан.
Таа објасни дека со Николовски се сретнала два пати надвор од УБК од страв да не протечат информации зошто таму работел Јован Ременски, со кого Боки се познавал а со сопругата Фросина Ременски секојдневно се слушале на мобилен и тоа во присуство на Камчева.
Дали докторот Тони Јосифовски ( вработен во Систина кој го оперирал) бил на една од вечерите во вашиот дом на кои бев и јас, праша Боки, со образложение дека ќе објасни зошто е тоа битно во доказната постапка, Камчева одговори потврдно.
Боки праша дали Камчеви му праќале подароци на што реагираше Рускоска. Какви подароци, па 1,5 милиони евра што се, праша Рускоска на што Боки и дофрли дека тие пари се измислени во нејзината глава.
Камчева на прашање на Боки дали тој некогаш и кажал кој кога ќе биде уапсен бидејќи во сведочењето таа рече дека добивал инсајдерски информации од СЈО, таа одговори дека обвинетиот ден пред да биде уапсен Сашо Мијалkов тој тоа и го кажал.
Камчева потврди дека го посетила Боки по операцијата додека лежел во Систина заедно со Кичеец и д-р Јосифовски.
Адвокатката на Јанева, Ирена Фрчкоска ја праша Камчева како можела да знае дека обвинителката била во контакт со Боки кога не се виделе но дека на првата средба тој преку мобилен добил информации од Јанева дека по Орце ќе бидат приведени и неговата мајка и сестра.
Камчева рече дека Јанева никогаш не побарала пари од неа, но оти ја слушала Јанева додека зборела со Орце на мобилен неколку пати како и тогаш кога му рекла дека се ќе биде во ред.