Собраниската седница за Буџетот за наредната година ќе почне на 16 декември. Парламентот за утре има закажано уште една редовна пленарана седница, а на 23 декември најверојатно ќе има уште една на која треба да бидат разгледувани заостанати закони и закони кои допрва пристигнуваат во собраниската архива. Ова било договрено денеска на редовната средба на координаторите на пратеничките групи со претседателот на Собранието Талат Џафери. До крајот на годината се закажани уште две седници и тоа на 18 декември на која ќе биде редовното годишно обраќање на претседателот на државата Стево Пендаровски, и на 26 декември, кога ќе биде последната седница за поставување пратенички прашања за годинава. Во Собранието денеска има закажано повеќе комисиски седници, но почетокот на најголем дел од нив доцни по повеќе од еден час. Причина за тоа, како што велат пратениците, е координацијата на пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и тоа што поради закажаните седници на повеќе комисии пратениците не можат да стасаат да присуствуваат на некои од нив па се чека за кворум. Истовремено, како што наведуваат од Собранието, до законодавниот дом се пристигнати или пристигнуваат и нови законски предлози од Владата. Голем дел се усогласувања со новиот закон за прекршоци. Се уште нема информација за тоа за колкав број закони станува збор.