Само неколку часа откако доби номинација за Златен глобус за новиот филм Bombshell, актерката Шарлиз Терон говореше за тоа дека годинава не биле номинирани жени режисери.
Холивудското здружение на странски медиуми, кое што всушност ги доделува Златните глобуси, досега има номинирано само пет филмски режисерки – Барбра Стрејсенд (Yentl), Џејн Кампион (The Piano), Софија Копола (Lost in Translation), Кетрин Бигелоу (Hurt Locker, Zero Dark Thirty) и Ава ДуВернај (Selma), а Стрејсенд е единствената жена која што освоила Златен глобус за најдобра режија.
Иако многумина годинава ја сметаа за добра година за жените режисери, Терон во интервју за „Лос Анџелес Тајмс“ открива дека е навистина тешко да не се види ниту една жена режисер номинирана оваа година.
„Мислам дека е навистина фрустрирачки имајќи предвид дека жените режисери само се обидуваат да го зголемат својот број “, додаде таа. Тие претставуваат 10% од режисерите во индустријата, и кога имате добра година како што беше оваа со толку многу работа, тоа е неверојатно фрустрирачки,“ додаде таа.
„Навистина е тешко и неправедно, и токму поради тоа не треба да ја прекинеме битката. Ние мора да правиме врева сè додека не не слушнат и не ги препознаат овие приказни“, рече Терон.
Таа зборува и за новиот филм Bombshell, кој се фокусира на жените во Фокс њуз – Мегин Кели (Терон) и Гретчен Карлсон (Никол Кидман) – кои јавно проговорија против злоставувањето на претседателот на Фокс њуз, Роџер Ејлс. Во филмот, жртвите на омразениот медиумски могул го возвраќаат ударот.
Филмот во кој глуми Терон ја открива внатрешноста на најмоќната и контроверзна медиумска империја на сите времиња, и истовремено е експлозивна приказна за жените кои го срушија злогласниот маж кој што всушност ја создал таа империја.
И покрај тоа што приказната се фокусира на три силни жени, филмот е во режија на Џеј Роуч, а го напиша Чарлс Рандолф. Терон беше запрашана зошто го поддржала него а во исто време се залага за повеќе можности за жените, таа одговори „фактот дека треба да има повеќе можности за жените не мора нужно да ја негира умешноста на мажите,“ вели Терон.
Иако смета дека жените заслужуваат повеќе можности, таа не чувствува дека „жените се единствените што можат да пишуваат женски приказни, а мажите можат да пишуваат само машки приказни“.