За време на романското претседателство Северна Македонија ќе стане членка на Организацијата за црноморска економска соработка, рече шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева, на денешната прес конференција по 41. состанок на советот на министри за надворешни работи на земјите членки на организацијата, јави дописничката на МИА од Атина.
Денеска во Грција се одржа 41. состанок, во рамките на грчкото претседателство, а од јануари 2020, палката ја презема Романија, кога и се очекува нашата земја да стане дел од Организацијата за црноморска економска соработка.
Захариева, на прес конференцијата, на која присуствуваа и министрите за надворешни работи на Грција и Романија, се осврна на минатото бугарско претседателство и донесените одлуки.
-Би сакала да споменам дека во Софија, сите земји членки гласаа за прием на Северна Македонија во нашата организација и ние сме подготвени да и посакаме добредојде за време на романското поретседателство, кога ќе се заврши процедурата на ратификацијата на повелбата, рече Захариева.
Во Организацијата за црноморска економска соработка членки се 12 земји Албанија, Ерменија, Азербејџан, Бугарија, Грузија, Грција, Молдавија, Романија, Русија, Србија, Турција и Украина.