Акција за чистење на 20 скопски локации во која ќе се вклучат вработените од јавниот сектор ќе се одржи денеска и на тој начин ќе се одработи неработниот ден од годинава, 2 јануари.
На секоја локација ќе има обезбедено екипи од градските јавни претпријатија, соодветни стручни служби и алат за да помагаат на луѓето кои ќе чистат.
Локациите на кои ќе се одвива акцијата се езерцето Треска во Сарај, Аквадуктот, СЦ „Борис Трајковски”, Кале, Музејот на современа уметност, касарната „Илинден”, Јужен булевар, „Бихаќка”, Државното училиште за физичка култура „Методија Митевски Брицо”, Железничката и автобуската станица, улица „Џон Кенеди”, кај Собранието, цела улица „Македонија”, МКЦ и МТВ, касарната „Гоце Делчев”, улица „Ферид Бајрам”, улица „Александар Урдаревски”, Европската очна болница, улица „Индустриска” во Гази Баба и целиот кеј на реката Вардар.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски посочи дека за успешно спроведување на акцијата ќе бидат задолжени раководителите на институциите, односно премиерот, министерите, градоначалниците и директорите на институциите што ќе бидат присутни на овие локации, а Град Скопје дополнително обезбедил и соодветна механизација за одредени локации.
До локациите што се наоѓаат малку подалеку од центарот на градот особено Аквадуктот и Сарај, ЈСП има обезбедено и превоз. За сите кои се вклучени во акцијата е обезбедена и соодветна опрема односно заштитни ракавици и вреќи.
Акцијата се организира во соработка со граѓанското здружение „Не биди ѓубре”.