Народи на Европа и светот, народи на мултикултурната и европска македонска држава.
Ние, младите социјалдемократи, кои сме иднината на нашата земја, сакаме со оваа повелба да ги објавиме накусо нашите политички цели, но и нашата животна филозофија.
Прво!
Човек е стар не кога ќе му ослаби физичката сила, туку кога ќе почне панично да го чува она што го има, без да создава ново. Ја чува традицијата ама не создава ништо ново што утре треба биде традиција за оние што доаѓаат. А државите стануваат немоќни кога ќе почнат опсесивно да го чуваат дури и она – што го немаат! Национализмите го покажуваат тоа. Националистот чува, а ако треба и со насилство ќе брани некоја митска историја, целосно непозната за нас. Пред да дојдеме на власт, нè труеа со сомнителни опијати на историската митологија. Ние, младите ставивме крај на тоа. Млади сме и сакаме иднина, напредок, визија!
Гниењето во минатото им го оставаме на колекционерите на митолошка тиња. И не, тоа никако не значи дека помалку си ги сакаме историјата и татковината. Никој нема ексклузивно право на нашата заедничка татковина. Како и целиот современ свет, ние само повеќе сакаме да говориме во футур, не во перфект. Веруваме дека само со идно време може да се говори за современиот европски човек! Нас не нè интересира само „сме биле”,туку многу повеќе “сме” и „ќе бидеме”.
Затоа, нашата земја, Република Северна Македонија, ја гледаме единствено како дел од современа и идна Европа и од евроатлантските интеграции, во сите нивни аспекти:
од образованието, преку здравството, одбраната, правната држава, културните и спортските достигнувања, до политичките искуства и менаџирањето со државите.
Како млади луѓе, одбиваме да живееме во самоизолиран геополитички простор „некаде на Балканот”, макар тоа бил и неговиот западен дел. Ние веруваме дека Европа е начин на мислење, а не географска широчина и должина околу Гринич. Ние, како млади луѓе, сме веќе во Европа. Нашиот дух е демократски, желен за европски вредности и за знаења.
Желни сме за соживот со нашите врсници од европските развиени земји и подготвени сме заедно со нив, не само да ги делиме убавините на младоста, туку, учејќи, да ја преземеме и одговорноста за европското семејство!
Затоа, народи и граѓани на цивилизирана Европа, од тука порачуваме дека оваа македонска и европска младина е подготвена да ја испишува новата историја на европската иднина! Тоа, со оваа повелба ви го ветуваме!
Линк до видео (youtube): https://youtu.be/s3EaZ_pEucM