Направивме многу, на прав пат сме и продолжуваме по патот на напредокот, порачаа говорниците на денешната завршна трибина „На прав пат” што се одржа во спортската сала „Борис Трајковски”.
Претседателот на партијата и актуелен премиер Зоран Заев рече дека времињата на несигурност и нестабилност се останати во минатото, посочувајќи дека во изминатите две ипол години направено е многу во однос на изминатите 11 години. Резултатите во економијата, како што рече, покажуваат дека невработеноста во третиот квартал е намалена на рекордно ниско ниво од 17,1 процент, отворени се 5.263 работни места, има 799.546 вработени и потпишани се 34 нови договори за странски инвестиции.
– Нашата земја е на јасен, чист пат, заедно со најсилните сојузи во светот. Тргнуваме по пат кој ни обезбедува подобар и повисок стандард, посигурни граници и припадност кон семејство од нации ориентирани кон иднината. Од оваа најголема и благородна цел нема отстапување, рече Заев, додавајќи дека на следните избори ќе се избира меѓу напредок и уназадување.
На своите сопратијци им порача да почитуваат три принципи – никогаш режим, да зборуваат и да се фокусираат на економијата и одговорност за секој што направил грешка.
Потпретседателката на СДСМ и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, осврнувајќи се на успехот постигнат со зачленувањето во НАТО, рече дека е испишана историја.
– Вредеше, дадовме збор и донесовме резултат. Пред 10-тина дена, секој наш Македонец, Албанец, Турчин, Ром, Србин, Влав, Бошњак… имаше чувство дека победил, дека успеал, дека има причина да биде горд. После години пред вратите на НАТО, тој ден бевме внатре, бевме свои на своето заслужено место во најмоќниот сојуз. Овој наш успех не беше лесен ниту беше извесен. Најлесно беше да го искористиме старото лошо искуство и да се жалиме над својата суднина, но решивме да бидеме амбициони, да се бориме и да сработиме. Резултатот пред 10-тина дена покажа дека сме биле во право, истакна Шекеринска.
Оваа Влада, според Шекеринска, е и првата која докажала дека жените и мажите можат и мораат да бидат еднакви и да имаат исти шанси.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов рече дека со помош на скопјани успеале Скопје да го претворат во успешна приказна.
– Со вашата поддршка од пред две години успеавме чекор по чекор Скопје да го претвориме во успешна приказна. Но, приказната не завршува овде. Најдоброто допрво доаѓа, порача Шилегов, додавајќи дека се преземаат системски мерки во делот на хигиената, сообраќајот и аерозагадувањето на градот.
Најави во февруари пристигнување на новите 33 еколошки автобуси на гас, а во изминатите две години рече дека е е решен проблемот со концесијата на депонијата Дрисла која конечно се враќа во владение на Градот. Во делот на аерозагадувањето спомена дека се преземени 28 системски мерки кои ќе дадат резултати на краток, среден и долг рок, а во однос на инфраструктурата рече дека градските улици се реконструираат многу побрзо и многу поветино и оти паралалено во моментот се градат четири булевари.
Во рамки на трибината, младите социјалдемократи ја прочитаа нивната повелба со која испратија порака дека сакаат да живеат како дел од Европа.
– Нашата земја ја гледаме како дел од современа Европа, како млади луѓе одбиваме да живееме во изолиран систем, порачаа младите социјалдемократи.