Кинескиот премиер Ли Кеќенг денеска во Пекинг се состана со лидерката на Хонгконг, Кери Лам, со која разговараше за состојбата на економијата во овој полуавтономен кинески регион по повеќемесечните насилни протести.
„Владата на специјалниот административен регион мора да продолжи со напорите да стави крај на насилството и да стави крај на хаосот во согласност со законот“, рече Ли, а пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Посетата на Лам доаѓа по бројните шпекулации дека таа може да добие нови директиви во разговорите со кинескиот претседател Си Џинпинг, вклучително и можна реконструкција на владата.
Ли исто така рече дека судирите околу промените во законот за екстрадиција го повредиле општеството во Хонгконг во сите обласи, пренесе АП.
„Во изминатата година, нашите политики, економија и општество навистина се соочија со големи проблеми“, рече Лам.