Постои голем потенцијал, Скопје и Атина треба да ја охрабрат соработката и да обезбедат средства таа да се имплементира Скопје, 16 декември 2019 (МИА) –

Соработката меѓу Северна Макединија и Грција може да се подобри, постои голем потенцијал за тоа особено во области како образованието, но потребна е поголема поддршка од државата, пред се во делот на институционалната соработка, која во моментов недостига. Владите треба да ја охрабрат соработката и да обезбедат средства таа да се имплементира, пред се преку финансиска поддршка.

Ова го оцени Јоргос Христидис од ЕЛИЈАМЕП по повод објавување на новиот Извештај за соработката меѓу Грција и Северна Македонија, во организација на Аналитика тинк тенк подготвен заедно со оваа грчка НВО, а во соработка со Амбасадата на Шведска во Скопје.

-Истражувањето покажува дека најпродуктивната соработка во моментов се одвива во невладиниот сектор, поради неговата независност, најслаба е во високото образование, што се должи на специфичноста на самиот сектор, а во културата е некаде помеѓу, но секако постои голем потенцијал за соработка. Она што сакаме да го потенцираме е дека двете земји треба да работат интензивно со цел да ја промовираат таа соработка, истакнува Христидис која според него, може да се постигне преки потпишување билатерални договори за што има примери.

Ова истражување, посочи, не е поврзано со Заедничката комисија за историски и образовни прашања формирана согласно Преспанскиот договор, која веќе имаше неколку средби годинава и даде одредени резултати, вели, а сега се очекува дали по изборите и формирањето на новата Влада ќе има промени во нејзиниот персонален состав.

-Сметам дека треба да бидеме оптимисти за нејзината работа, смета Христидис.

Според Вели Креци проф. на УЈИЕ, истражувач во Аналитика и еден од авторите на Извештајот, овие теми се избрани поради оценката дека станува збор за области каде може со неколку мали интервенции да се направи функционална рамка за зајакнување на соработката, при тоа се има предвид институции каде веќе е воспоставена соработка.

-Од Истражувањето се покажа дека има подготвеност за подобрување на соработката и од двете страни. Има позитивни трендови и во областа на образованието и во другите области кои се дел од истражувањето. Во областа на образованието универзитетите треба да бидат поактивно вклучени во иницијативи во однос на соработката. Истражувањето покажува дека универзитетите имаат некои други приоритети кога е во прашање соработката или можеби по создадената нова клима на институциите им треба малку повеќе време за да се вклучат во соработката, вели Креци.

Кристин Форсгрен Бенгтсон абасадорка на Шведска во нашата земја на презентацијата истакна дека Истражувањето е еден од начините на поддршка на имплементацијата на Преспанскиот договор, кој треба да ја дефинира нашата заедничка европска иднина, во која следен природен чекор е отворањето на пристапните преговори со ЕУ.

-Шведска е вклучена во дебатата за тоа како да се продолжи напред по одложувањето на одлуката на последниот состанок на Европскиот совет и е подготвена да ја следи препораката на ЕК за почеток на пристапните преговори. Сакаме да видеме континуиран и зајакнат ангажман на ЕУ и соработка меѓу Унијата и регионот. Се надеваме дека наредната 2020 ќе биде година на напредок на нашето заедничко патување, кажа амбасадорката Форсгрен Бенгтсон.

Јоанис Армаколас од ЕЛИАМЕП, исто така, очекува добри вести од Брисел во наредните шест месеци, но потенцира важно е што добри вести доаѓаат и од регионот, посочувајќи на односите меѓу двете соседни земји и посебно меѓу граѓанските општества, но и на регионот. Важно е при тоа да продолжат напорите за меѓусебно запознавање и градење на доверба.

Презентацијата на Извештајот беше проследена и со јавна деба насловена „Соработка во областа на образованието, културата, и невладиниот сектор по Преспанскиот договор. Како да се продолжи напред?”.

Ова е трет проект на Аналитика и Елиампеп и прв кој резултира со заеднички подготвен Извештај. По презентацијата во Скопје, ќе следи и негова презентација во Атина во среда.

Треба да знаете
Последни објави