Коронавирусот создава огромни проблеми во фудбалска Шпанија, а најнов клуб што е сериозно погоден од Covid-19 е Рајо Ваљекано на македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски. Шпанските медиуми информираат дека коронавирусот го „растурил“ Рајо во чиј редови дури 17 фудбалери и членови на стручниот штаб добиле позитивни резултати од последното тестирање.
Нивните имиња не се обелоденуваат во јавноста, но денеска на тренингот на Рајо се појавиле само осум сениорски фудбалери, и тоа Марио, Андрес Мартин, Комесана, Валентин, Иси, Балиу, Кевин и Арболеда.
Димитриевски не бил на утринскиот тренинг во својот клуб, а засега нема конкретна информација дали македонскиот голман е меѓу позитивните, или не тренирал поради контакт со заразено лице.
Едно е јасно, Рајо поради оваа новонастаната ситуација ќе побара одложување на првиот меч од 2022 година, на гостински терен против Атлетико Мадрид закажан за 2 јануари.



