Собранието денеска треба да ја продолжи расправата по Дополнетиот предлог-буџет за 2020 година, како дел од дневниот ред на 125. седница, закажана за 13 часот, откако ќе заврши редовното годишно обраќање на претседателот на државата пред пратениците.
Во тек на расправата во матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет беа прифатени 12 амандмани и тие се дел од Дополнетиот предлог.
На почетокот на расправата што почна завчера пратениците од мнозинството оценија дека буџетот за 2020 година е развоен, со средства насочени кон проекти од програмата и интересите на граѓаните, додека опозицијата оцени дека тој е социјален, популистички и предизборен.
Приходите во Предлог-буџетот за 2020 година се проектирани на три милијарди и 615 милиони евра, а расходите три милијарди 898 милиони евра. Буџетскиот дефицит за 2020 година е предвиден на ниво од 2,3 отсто од БДП, што е пониско од нивото во 2019 година кога изнесуваше 2,5 проценти, согласно со Фискалната стратегија 2020-2022, како и препораките на меѓународните организации. Дефицитот е намален и во апсолутно ниво за 160 милиони денари, и изнесува 17 милијарди 385 милиони денари.
Министерката за финансии Нина Ангеловска во образложението на буџетот истакна дека во фокусот на буџетската каса за наредната година е човечкиот капитал, односно подобар здравствен, образовен и социјален систем и силна поддршка за раст на реалниот сектор.
Капиталните инвестиции во буџетот се проектирани на ниво од 23 милијарди денари, а 56 отсто од вкупните буџетски расходи ќе одат во области врз кои се потпира човечкиот капитал.
Проекциите во буџетот се правени врз основа на предвиден раст за следната година од 3,8 отсто од БДП, кој се базира на растот на приватната потрошувачка, извозот и јавните и приватните инвестиции.
Расправата за буџетот на државата според собранискиот Деловникот треба да трае најмногу пет работни дена.