Општина Кисела Вода во соработка со Факултетот за физичко образование, спорт и здравје спроведе истражување за состојбата на постуралниот статус и физичкиот фитнес кај учениците од 6 до 10 годишна возраст во основните училишта во нејзина надлежност.
Вчера во просториите на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје се одржа презентација на истражувањето која градоначалникот Филип Темелковски ја проследи заедно со деканката на факултетот Ленче Алексовска-Величковска, наставници по физичко образование од општинските основни училишта, професори и студенти на факултетот.
Присутните имаа можност да се запознаат со направената проценка за телесниот состав и моторичките способности на децата.
При истражувањето, компонентите на телесниот состав е утврден со методата на биоелектрична импенданса (мерење на електричната спроводливост – Bioelektrical Impedance Analysis – BIA). Мерењето е реализирано со помош на Body Composition Monitor, модел “OMRON – BF511″, со чија помош е измерена телесната тежина, процентот на масно ткиво, процентот на мускулна маса и индиректно е пресметан индексот на телесна маса (BMI). Додека сите испитаници се мерени по модифицирана батерија на ЕУРОФИТ тестови кои се препорачани од страна на Советот на Европа, а дел од истите се модифицирани и прилагодени во меѓународните научни проекти ,,Feeding and Assessment of Nutritional Status of Spanish Adolescents (AVENA study) ” и The Healthy Lifestyle in Europe by Nutrition in Adolescence” – (HELENA study) (Ruiz et al., 2006), „Identification and prevention of Dietary- and lifestyle-induced health EFfects In Children and infantS” (IDEFICS study) (Miguel-Etayo et al., 2014). За утврдување на постуралниот статус користена е индиректната објективна метода на фотографирање, а за анализа на фотографиите користен е Software-от GPS (Global Postural System).
Од истражувањето произлезе потребата за тоа дека најмладите, децата треба повеќе да бидат физички активни, да спортуваат со цел да ги намалат можните ризици од заболувања. Истото ќе помогне и во стекнување на нови знаења и информации потребни за педагошката пракса во училиштата и пошироко.