Шилегов: На Скопје му е потребно градско станбено претпријатие

Градот Скопје ја разгледува можноста за формирање на ново градско јавно претпријатие за креирање станбени политики, за суштинско решавање на децениски проблеми. По примерот на формирањето на јавното претпријатие – Градски енергетски системи ГЕС за креирање и контрола на енергетските политики во градот и по решавањето на прашањето околу сопственоста на Дрисла, формирање на градско претпријатие за станбено домување ќе биде еден од приоритети на Градот Скопје во текот на следната година.

Градското јавно претпријатие за станбено домување освен тоа што ќе функционира на пазарот на недвижности, во голема мера ќе овозможи системски пристап за решавање на проблемите со дивите населби, на начин што Градот Скопје на лицата од овие населби ќе им понуди соодветен начин на згрижување со цел нивно економско обезбедување. Системскиот начин на решавање на овој проблем ќе овозможи социјално згрижени лица, но и почиста и поздрава животна средина.

– Со продолжување на процесот на децентрализација во текот на следната година, Градот Скопје ќе биде во можност да креира станбени политики. Како градоначалник се обидувам да ги вратам имотите што му следуваат на Градот. Овој град порано имал свое станбено претпријатите коешто градело и функционирало на пазарот на недвижности. Откако ќе гo решиме прашањето со Дрисла и преземањето на топловодната мрежа, мојот следен приоритет ќе биде да основаме капацитет за станбено домување на Град Скопје кое ќе понуди програми за соодветен начин на згрижување на социјално загрозените лица. Само системски пристап може да овозможи суштинско решавање на деценските проблеми во градот, вели градоначалникот Шилегов.

 

Треба да знаете
Последни објави