Царовска: Со развојот на социјални услуги го менуваме моделот на поддршка за лицата со попреченост и прифаќањето на различностите 

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска учествуваше на работен состанок на којшто беа презентирани донесените подзаконски акти за социјални услуги изработени од МТСП, а поддржани во рамките на проектот „Поддршка на модернизација и деинституционализација на социјалните услуги“,  финансиран од Европската Унија.

„Како Влада којашто се грижи за унапредувањето и заштитата на човековите права на сите лица со попреченост, со развојот на социјалните услуги, го менуваме моделот на поддршката што ја добиваат нашите сограѓани и ја менуваме свеста кај граѓаните во прифаќањето на различностите. Исто така, Северна Македонија е прва земја во регионот која што го менува начинот на финасирање на услугите преку методологија за утврдување на цените и носење одлуки за висината на цените на услугите. Преку овој модел ќе придонесеме за воведување на мноштво услуги и ќе создадеме нови работни места во секторот за социјална заштита, а граѓаните ќе добијат квалитетена поддршка на локално ниво“, рече Царовска.

Софи Бумо, претставничка на Делегацијата на Европската унија, истакна дека Делегацијата на Европската унија го признава високото ниво на посветеност на министерката Царовска во унапредувањето на услугите засновани во заедницата, процесот на децентрализација и градење на капацитет на локално ниво.

„За социјалните услуги да се спроведуваат успешно, потребно е  сите професионалци во социјалниот сектор, како и корисниците на услугите, општините и граѓанските организации да бидат активно вклучени во процесот и мора да имаат целосно разбирање на правната рамка. Исто така, важно е за сите засегнати страни во овој процес да добиваат  информации од Владата за примената на Законот, односно за тоа како се спроведува, кои се предностите, а кои слабостите во имплментацијата. Делегацијата на Европската унија заедно со другите партнери за развој – особено УНИЦЕФ и Светската Банка заедно работат да ги зајакнат достапните ресурси за спроведување на условите на Законот. Голем дел од обврските беа преземени од страна на Министерството за труд и социјална политика, кои работеа заедно со експертите на составување на овие Закони”, истака Софи Бумо, претставничка на Делегацијата на Европската унија.

Роберт Кроис, тим лидер на проектот „Поддршка на модернизација и деинституционализација на социјалните услуги“ истакна дека ЕУ ги поддржува напорите на Владата во спроведувањето на Националната стратегија за деинституционализација.

„Целта на овој проект е да се поддржи воспоставувањето и достапноста на социјалните услуги во заедницата низ целата земја и да се намали бројот на деца и возрасни со попречености кои живеат во долгорочни станбени институции за социјална заштита, а особено да го поддржи развојот на соодветна правна и политичка рамка во примена на Стратегијата, да го зајакне капацитетот на државните и недржавните актери на национално и локално ниво за спроведување на Стратегијата, особено меѓу службените лица на институциите на локалната самоуправа”, рече Роберт Кроис, тим лидер на проектот.

 

Треба да знаете
Последни објави