Лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти изјави дека имал желба да се сретне со претседателот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Иса Мустафа неделава, но оти тоа не можело да се реализира поради седницата на Генералното собрание што ЛДК ја закажа за денеска попладне, јави дописникот на МИА од Приштина.
Курти рече дека Генералното собрание на неговата партија ќе се одржи дури откако ќе биде постигнат договор за заедничка влада со партијата на Мустафа.
Лидерот на ВВ, кој се очекува да биде иден премиер на Косово, откако неговата партија победи на октомвриските парламентарни избори, изјави дека очекува да види дали по денешната седница на највисокото тело на ЛДК таа партија ќе ги „забетонира ставовите со веќе познатите барања” за формирање заедничка влада.
– Самоопределување ќе ја одржи седницата на Генералното собрание откако ќе имаме договор за владина коалиција со ЛДК. Останува денеска попладне да се види дали овој состанок на Генералното собрание на ЛДК е свикан за да се забетонираат ставовите со веќе познатите барања, или е свикан за да се постигне договор меѓу нас, изјави Курти.
Двете досега опозициски партии ги започнаа преговорите за формирање на новата влада веднаш по изборите на 6 октомври, на кои победи ВВ со 26,27 отсто, а второпласиран беше ЛДК со 24,54 отсто освоени гласови.
До застој во преговорите меѓу двете партии дојде откако ЛДК истапи со барање да ја преземе функцијата претседател на државата, откако во април 2021 година ќе му заврши мандатот на актуелниот претседател Хашим Тачи.
Конститутивната седница на новото Собрание на Косово, произлезено од вонредните парламентарни избори, претседателот Тачи ја свика за 26 декември, што е последниот законски рок, со оглед дека Централната изборна комисија ги сертификува изборните резултати на 27 ноември.
Вршителот на должноста претседателот на Собранието Кадри Весели денеска информира дека е собраниското Претседателство одлучи конститутивната седница на новиот пратенички состав да се одржи на тој ден со почеток во 15 часот.