ЕК тврди дека договорот Меркосур ги исполнува климатските цели на ЕУ

Спогодба за слободна трговија со Бразил, Аргентина, Уругвај и Парагвај придонесува за исполнување на климатските амбиции во Европа, изјави еврокомесарот за трговија, Фил Хоган.

Но, за климатските активисти и за земјоделците, спогодбата со четирите земји од Меркосур, склучена ова лето, претставува ризик за Европа. За земјоделците стравот доаѓа од можна нелојална конкуренција од јужноамериканските земји, додека екологистите предупредуваат дека земјоделската политика на бразилскиот претседател, Жаир Болсонаро ја уништува амазонската шума, политика која ја обвинуваат за драматичните пожари минатото лето.

Хоган, сепак, смета дека оваа спогодба ќе овозможи да се отвори дијалог за спорните прашања.

-Ова значи дека ќе бидеме во можност да дискутираме со Бразил и со другите земји од Меркосур за нивните ангажмани до 2030 година во рамките на оваа спогодба, а тоа не беше случај пред спогодбата, истакна Хоган пред европратениците.

Тој потсети дека Меркосур договорот содржи посебно поглавје за трговијата и одржливиот развој во кој е вклучена правно обврзувачка клаузула за спроведување на климатскиот договор од Париз.

  • Европската Комисија ќе остане претпазлива во спроведувањето на спогодбата, наваде еврокомесарот.

Една од клучните политики кои ќе ги води новата Европска Комисија е токму Зелениот пакт, со јасни заложби за постигнување на климатска неутралност до 2030 година.

Спогодбата со земјите од Меркосур треба формално да биде потпишана на крајот на 2020 година, додека Франција, Ирска, Австрија и Луксембург се меѓу земјите кои се против.

Треба да знаете
Последни објави