ЕУ бара што побрзо формирање на новата влада на Косово

Канцеларијата на Европската унија (ЕУ) во Косово побара од политичките субјекти во земјата што поскоро да го конституираат новото Собрание произлезено од изборите одржани на 6 октомври и да ја формираат новата влада, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното соопштение на претставништвото на ЕУ се нагласува дека е потребно формирање на новите институции заради спроведување реформи за економски и општествен развој, како и во владеењето на правото, спроведување на договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ и продолжување на дијалогот за нормализација на односите со Србија со посредство на Брисел.

– Потребно е брзо формирање на владата за да се спроведат овие процеси, во интерес на Косово и на нејзиниот народ и согласно Уставот и изразената волја на електоратот, се вели во соопштението.

Од канцеларијата на ЕУ очекуваат дека партиите кои преговараат за формирање на новата влада, Движењето Самоопределување и Демократскиот сојуз на Косово, ќе постигнат согласност за надминување на преостанатите предизвици.

– Конститутивната седница на Собранието е закажана за 26 декември. Општите избори од 6 октомври му дадоа можност на народот на Косово да го исполни своето демократско право на глас и на избор на своето водство. Ова е суштината на демократскиот процес. Ние веруваме дека споменатите страни ќе го постигнат потребниот консензус за надминување на преостанатите предизвици, порача мисијата на ЕУ во Приштина.

Треба да знаете
Последни објави