Албанија и Комисијата на Европската унија ги започнаа подготовките за одржување на донаторската конференција за обнова на областите погодени од разорниот земјотрес, што ја погоди земјата на 26 ноември, јави дописничката на МИА од Тирана.
Во функција на конфернцијата, која ќе се одржи следниот месец во Тирана, албанскиот премиер Еди Рама во Рим се сретна со комесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји.
Потврдувајќи го одржувањето на конференцијата, комесарот Верхеји на средбата ја повторил решеноста на ЕУ да ги отвори пристапните преговори со Албанија.
– Имавме добар разговор со Еди Рама во Рим, каде ја потврдивме препораката на ЕК за отворање преговори со Албанија. Важно е реформите да продолжат. По земјотресот што ја погоди земјата минатиот месец, ЕУ подготвува донаторска конференција за следната година, напиша тој на Твитер по средбата.
Претходно, претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека Советот на Европа донел одлука донаторската конференција за настраданите во земјотресот во Албанија да се одржи во Тирана на почетокот или во средината на јануари и оти одржувањето на конференцијата го поддржале сите земји членки.
Европската Комисија одлучи да даде 15 милиони евра за Албанија за санирање на штетите од земјотресот.
Инаку, на 8 декември албанскиот премиер Еди Рама престојуваше во Истанбул, Турција, на донаторска конференција, каде турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ги свика земјите-членки на Организацијата на исламската конференција за помош на Албанија. вт/