Вработените во културните и уметничките установи во вторник, 24 декември 2019, ќе одржат предупредувачки штрајк поради тоа што сè уште не е потпишан колективен договор што го чекаат 15 години и неисполнетото ветување по протестниот марш пред два и пол месеца.
Синдикатот за култура (СКРМ) соопшти дека вчера истекол рокот за одговор на Министерството за култура на доставената намера за штрајк.
-Од нивна страна не добивме никаков одговор, па Советот на СКРМ одлучи да ја активира последната правна алатка. Штрајкот ќе се одвива во просториите на установите и значи целосен прекин на работата на вработените носители на дејност, помошно-технички персонал и административен кадар. Штрајкот е со предупредувачки карактер и ќе трае еден ден, а по завршувањето на новогодишните празници ќе се радикализира и ќе трае до целосно исполнување на нашите барања. Културата е темелна вредност на секоја држава и таа не смее да биде маргинализирана, игнорирана и понижена, соопшти СКРМ.
Синдикатот за култура на 8 октомври организираше протестен марш „Колективен сега!” пред Владата и Министерството за култура. Претставниците беа поканети на средба во Владата од каде што добија ветување за колективен до јануари 2020. СКРМ неодамна реагираше дека работните групи се неактивни и најави дека повторно ќе излезе на протест доколку не продолжат.
СКРМ бара колективен договор со кој ќе се утврдат платите, коефициентите според сложеноста на работните места и точно ќе се уредат условите за надоместоците на плата.