САД внимателно ја следат Северна Кореја и знаците за евентуално лансирање ракета или нуклеарна проба во следните денови, што Пјонгјанг претходно го најави како „божиќно изненадување”.
Какво било позначајно лансирање или тестирање во Северна Кореја би значело крај на самопрогласениот севернокорејски мораториуми и ќе ги зголеми тензиите во регионот.
Исто така, би претставувало и голем удар врз една од главните надворешнополитички иницијативи на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, односно на обидот Северна Кореја да се врати на преговорите за да го елиминира нејзиното нуклеарно оружје и ракети.
На почетокот на месецов севернокорејски официјални претставници предупредија на можен „божиќен подарок”, нагласувајќи дека на администрацијата на Трамп и истекува времето за спасување на нуклеарните преговори, а од Вашингтон зависи каков „божиќен подарок” сака да добие од Пјонгјанг.
Американскиот министер за одбрана Марк Еспер претходно оваа недела истакна дека Вашингтон ја има слушнато приказната за евентуално тестирање околу Божик, а на истото предупреди и специјалниот пратеник Стивен Биган.