Прашумата Гилбоа, во областа Кетскилс на северот на американската сојузна држава Њујорк, науката досега ја сметаше за најстара шума во светот, која постои и денеска. Нејзината старост се проценува 385 милиони години.
Но, како што тврдат научниците, областа што се наоѓа на околу 40 километри источно од Гилбоа, близу гратчето Каиро, е постара.
На тоа место, истражувачите откриле траги од дрвото Eospermatopteris, типично за тие далечни времиња. Тоа наликувало на денешните палми, со дебела основа и крошна од гранки, но без лисја. Биле откриени и остатоци од дрвото Archaeopteris, кое најмногу личи на „обичното дрво”. Според научниците, тоа било сродно на денешниот бор или смреката.
Новите наоди можат да доведат до попрецизни сознанија за тоа како шумите се прилагодиле на намалувањето на јаглеродниот диоксид во атмосферата и на температурите, смета професор Вилијам Стин, кој е дел од истражувањето.
Тоа, пак, според него, може подобро да го објасни ладењето на планетата Земја, како и поврзаноста меѓу нејзиното затоплување и уништување на прашумите, бидејќи веројатно тоа е истиот процес.