Германскaта министерка за одбрана Анагрет Крамп-Каренбауер потпиша договор со главната еврејска организација во земјата за повторно воведување на воени рабини, велејќи дека тоа е „силен знак“ за важноста на животот на Евреите во земјата.
Крамп-Каренбауер рече дека одлуката за обнова на верското советување за Евреите кои служат во вооружените сили на Бундесверот по повеќе од еден век, исто така, ја потенцира заложбата на владата за борба против антисемитизмот во Германија, пренесе АП.
„Ова е силен знак за разновиден и отворен Бундесвер“, рече германската министерка за одбрана на состанокот на Централниот совет на Евреите во Берлин.
Џозеф Шустер, претседател на Централниот совет, рече дека тоа е „историски ден“, велејќи дека Бундесверот е одраз на германското општество.
Германската армија не собира информации за верската припадност на нејзините припадници, но се проценува дека во вооружените сили на Бундесверот има околу 300 Евреи, 1.400 муслимани и 94.000 христијани.
Крамп-Каренбауер рече дека очекува парламентот да ја одобри мерката на почетокот на следната година.