Мицкоски: ЕУ не е награда за виткање на кичмата, Западот не толерира криминал

Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ во четиригодишниот мандат ќе реализира капитални инвестиции за развој во вредност од не помалку од две милијарди евра и во својот мандат ќе испорача проекти во вредност не помала од четири милијарди евра преку странски и домашни инвестиции, вети лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот партиски собир „Обновата доаѓа” во Скопје.

-Тоа јас ви го ветувам и се обврзувам на реализирани осмислени и испорачани проекти за економија со брз раст, рече Мицкоски и додаде дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе вложи една милијарда евра за заштита на животната средина.

Во продолжение е интегрален текст од говор на Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на завршниот собир од „Разговорите за Македонија“, кој денеска се одржа во Скопје, во СЦ „Јане Сандански“.

„Добар ден победничко, големо, безвременско ВМРО-ДПМНЕ,

Почитувани членови на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Унијата на Млади сили, Унијата на Жени, Ветераните на ВМРО-ДПМНЕ, голем поздрав до секогаш верните општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ,

Добар ден и добре ни дојдовте за Коалицијата „За обнова на Македонија“,

Драги браќа и сестри,

Без заобиколување, без долги воведи дозволете да поминам на најглавните поенти. ВМРО-ДПМНЕ победува, ВМРО-ДПМНЕ ќе победиме заедно,  силно и обединето. Уште само 13 дена Заев е премиер и никогаш повеќе, тоа значи почитувани браќа и сестри еден чекор кон целта, а конечниот крај на оваа власт, што ќе значи победа на народот доаѓа за од три и пол месеци од денеска. Доаѓа победата на народот.

Ги издржавме три години, со штета која ја направија за триста години, ќе ги издржиме уште три и пол месеци. И одговорот следи на 12-ти април, а јас знам каков ќе биде. Следи громогласно ехо на народот, силен татнеж на обесправените, осиромашените, на измачениот народ, на оној чиј образ пробаа да го извалкаат чие достоинство го тргуваа, чија кичма ја виткаа како да е нивната. Излегува народот, Македонскиот народ и граѓаните на Македонија кои се креваат, а Македонецот кога бил сложен и обединет поместувал планини  така ќе биде и овој пат. 12-ти април е тој ден, денот на одговорот. Македонскиот референдум, нашиот 8ми септември. Денот „Д“ кога народот одлучува, а таа одлука почитувани значи само едно, а тоа е победа, победа на Македонија, заедничка и силна и исправена победа.

И некој ќе рече како си толку сигурен. Сигурен сум затоа што не се само анкетите, јас си го знам мојот народ, јас верувам во мојот народ и знам што сака тој. Мојот народ е горд и достоинствен со крената глава и големо срце. А тоа го видов и изминатите три и пол месеци, време кога поминав 12 илјади километри низ нашата Македонија,низ нашите градови и села, низ улиците, плоштадите, булеварите заедно со комитетите. Видов илјадници луѓе, сите заедно слушнавме неколку десетици илјади проблеми во рамките на „Разговорите за Обнова на Македонија“. И ќе ви кажам, проблемите немаат ниту вера ниту нација, тие се заеднички затоа што  тешкиот живот е заеднички. Има страшна подвоеност, една застрашувачка одлепеност на власта од реалноста.

И го знам секој трепет и секоја страст за промени кога говоревте со мене. Многу добро ги знам проблемите и личните голготи кои ги преживувате. Заедно зборувавме со Горан од Струмица, со Марија од Битола,  со Трајче од Вевчани, со Бесим од Гостивар, со Томе од Куманово,на Диме од Охрид. Ги запаметив добро проблемите кои ги живеете за да дојдеме до решенијата кои ви требаат.

Ја гледам вашата одлучност, и ја разбирам вашата разочараност. Но и го знам одговорот на вашите проблеми, и знам дека оваа влада ја помина  секоја црвена линија, но исто така ја гледам вашата искреност и желба за промени, тоа се гледа во стисокот на вашата рака, во отворените очи кога се поздравувате, од воздишките поради тешкиот и мачен живот, прегратката која кажува дека сега дојде денот, отчука часот и е време е за дејствување. Тоа е така затоа што и покрај сите порази кои во себе го носат името и презимето Зоран Заев, на Македонија браќа и сестри и требаат победи, а нашиот народ е победнички, и тој секогаш врвел низ најтрновитиот пат, низ најтешкиот и најдолгиот пат,  но на крај важно е дека секогаш на крајот победувал. Тоа е важно, на крајот победувал. Ретки се тие прилики кога треба да се биде гласен, а сега е тоа време. И ги видовме и кој се, и што се од оваа власт и колку не чинат, и на што се подготвени само за да останат. За нив денот поминат на власт, значи повеќе пари, а за народот поголема сиромаштија.

И знаат дека државата е влезена во слепа улица, толку е слепа и тесна што и не може да се заврти автомобилот со кој управуваат. И тоа сакаат да го сокријат. Ако нешто видовме во овој период е тоа дека не им е тешко да излажат. Бидејќи реалноста не ја менуваат, тогаш даваат фантазија платена со многу пари, ваши пари.

Секој човек добро знае зошто се рекламираат и фрлаат во етерот стотици илјади евра за спотови со лажна содржина. И да не се залажуваме, пари имаат, било да се рекетирани, криминални или лажни, пари имаат. Ама работата е што не се нивни, тоа се ваши пари во нивните раце, заработени без мака и пот, заработени на вашиот грб, на грбот на народот. И фрлаат пари на спотови затоа што не им оди работата, затоа што ги има фатено таква паника од пораз што можеби еден ден ќе го видиме Зоран Заев со прочуената Луи Витон ташна како дели пари. Но не заборавајте сигурно тие пари ќе бидат лажни, затоа што не му се дава од парите од купот кој го направи овие години заедно со неговото семејство. И кога ќе бидат разобличени, ќе удрат со боксови по народот. А, Трнодол пред некој ден не е така далечен пример.

И ќе бидам максимално реален, искрен, овие мои критики имаат и верификации. Дека оваа влада не ја бива говори и UNDP која вели дека општеството на еднакви можности кое Заев ни го ветуваше не е еднакво, и ние денеска се наоѓаме на дното во Европа, во друштво на Оман и Тринидат и Тобаго на светската ранг листа. А, по невработеност на млади сме исто така на дното во друштво на Либија, Свазилен и Боцвана.

Ете ги тие прочуени европски вредности во кои Заев не убедуваше. Секоја негова политика доживеа болно разобличување. Се сеќавате само колку лаги истураше дека сите други биле антизападни, а тој демек бил Европеец. Ете гледаме колку е Европеец што Македонија уште е заглавена во корупција и криминал, а датум за преговори се уште нема.

Секоја година, три години по ред ги прогласува за економски години, и три години економијата тоне уште повеќе. Европската Унија е надеж, но Европската Унија мораме да ја заслужиме со работа, а не да чекаме како Заев што чека, да не наградат затоа што сме го продале идентитетот и така да мислиме дека ЕУ ќе не толерира, ќе го толерира криминалот на Заеви, „Рекет 1“, „Рекет 2“ и уште колку ли продолженија од серијалот „Рекет“ ќе слушаме, ќе толерира вирус, криминални уништувања на инсулин, кеш исплати за СЈО, сведоштва за превземени бизниси, криминални испумпувања преку фиктивни фирми и тајкуни како што е случајот со „ТЕТО“. Ќе толерира пратеници со психотропни супстанци, градоначалник насилник и што ли уште не, само поради тоа што Заев го смени името. И овие случаи се повеќето без истрага, а камоли обвинителен акт. И уште пострашно, овие се во рацете на корумпирани судии и обвинители, под контрола на власта.

И не е суштината да се збори постојано за ветингот, затоа што поважно од него е да се тргне од причината поради која ни треба ветинг, а тоа да се тргнат рацете на политиката од судството. Затоа што на секој тргнат судија, или обвинител ќе го имате повторно Зоран Заев кој ќе најде нови слуги, нова Катица, нова Русковска, нова Кацарска. Затоа почитувани, време е да се тргне Заев од местото премиер и да направиме систем. И ако мисли Зоран Заев дека ЕУ ќе го толерира сето ова само затоа што го смени идентитетот, тука се излажал. Ова не се вредностите кои ни требаат. Ова не се ни вредности, тоа се причините за нашите проблеми, и ЕУ и цивилизираниот свет тоа нема да го толерира.

Шета по локалните општински организации, демотивирани и деморализирани се обидува да ги манипулира. Па вели дека тој бил како еден долгогодишен премиер па претседател на исто така мала држава на Балканот. Демек ќе испорачал тоа што ќе му го кажеле, а тие ќе му прогледале низ прсти за криминалот. Дури вели му ветиле втор мандат, каков црни втор мандат. На 12-ти април завршува твојата политичка кариера. Одиш во пензија. А, потоа одговорност.

Тоа е суштинска грешка и една од причините за целиот хаос овде. Ај што го навредува овој искусен политичар, туку и покажува какво мислење има за својата земја, за својот народ, и фактот дека се што збори се празни зборови, а покажува и големо потценување кон европските институции, вредности и принципи. Епа затоа младите сакаат да си одат, незадоволни се, гледаат што се случува.

Политиката е многу повеќе од раката ставена на срце, од таа насмевка на незнаење и глумење наивност во која што веќе никој не верува. И секако оние шеги кој никој не ги разбира, се сеќавате за душата, срцето и петата, па и неговите изјави дека со сила можеш да му дадеш, ама не можеш да му земеш, дека Турците се бореле против Османлиите, па тој Заевизам заразно пренесен кај другите од раководството во неговата партија, дека Борис Сарафов откако умрел го убил Ѓорче Петров, па до тоа дека треба да сме горди што знамето на Сојузната држава Аризона се веело на опашката на авионот на силите на САД, ама сме требале да мислиме дека е македонското знаме. Па до оние моменти на вистинското лице на власта каде на народот му порачуваат „никад да не не гласаш”, епа нема да ве гласаат на 12-ти април. Тоа што си посакавте, тоа и ќе ви испорача народот. Нема да ве гласа на 12-ти април. Па се до чесната и напатена жена тетка Перса од Волково, која на лицемерот во очи го посипа со реалноста дека условите за живот се како во 15-ти век, наспроти убедувањата на власта дека има асфалтирана улица, случка која што потсетува на онаа прераскажаната од времето на Тодор Живков „оваа дупка не е дупка”.

Сето ова говори кои луѓе ни ја водат државата и на се што се подготвени да сторат. Но и дека работите мора да се сменат, и тука има една апсолутна вистина, а тоа е за да работите се сменат почитувани од нас зависи, само од нас. Ние сме тие кои се господари на својата судбина. И никој друг. Од нас зависи.

Сетете се на песната на почетокот од овој собир:

Едно место, едно парче земја на југ,

може за тебе да биде рај.

Ова е нашиот рај, ова е нашиот дом, верувале или не, ова е она за кое што треба да се погине и се вика Македонија. Тој рај зависи само од нас. Од нас зависи тој рај и од ништо друго.

Почитувани пријатели,

Дозволете да се осврнам на она што заедно ќе го направиме, она што сме, во што веруваме, кои се нашите вредности и која е нашата визија.

Јасно ми е дека народот е разочаран од политичарите. Разбирам дека има огромна апатија и разочараност, а и причина и искуство зошто тоа е така. Но, ве уверувам дека не сме сите исти. Не сакам и нема да дозволам моето име да се поистоветува со луѓе кои го изневериле народот. Ќе видите. Давам збор пред вас овде дека ќе биде поинаку, подобро, затоа што може подобро, вие заслужувате повеќе, а Македонија заслужува подобро.

Сите вие, народот на Македонија давате постојано за оваа земја цели 29 години. Сега е време Македонија да ви врати. Вие никогаш до сега не ја разочаравте Македонија, а сега Македонија не смее да ве разочара вас. Сега е денот кога се она што го дадовме ќе се врати, 12-ти април 2020.

Сето ова јас го чувствувам за моја обврска и мое ветување кон секој еден од вас. И што би бил јас ако прв не го применувам тоа што го барам од секој еден мој соработник. А се знае дека прво што треба да се направи е моралниот кодекс да се почитува  дома, во својот двор. И затоа постојано повторувам и велам дека секој кој е со мене од мојот тим мора да му слугува на народот, на граѓаните и на нашата земја. И дека мора да покажеме чесност и честитост, без ни малку ароганција, да покажеме дека сме подготвени  да се откажеме од секој кој се огрешил пред законот и пред народот, и дека нема вечни функции и дека државниот интерес е пред и над сите други интереси. Да се откажеме од секој оној кој греши, за да не грешиме пред народот. Македонија страда од тоа што квалитетните се маргинализирани, а за жал денеска гледаме едно масовно неспособно владеење на СДСМ кое што опфаќа луѓе кои што  се на функции. Не смееме да го повторуваме филмот на минатото, без оглед чива лента редиме на проекторот, на ВМРО или СДСМ. Ако се грешело сега и во минатото, знам суврен сум  дека во времето пред нас нема простор за грешки, нема простор за ниту една грешка.

Драги пријатели,

Да ги објаснам вредностите во кои верувам.

 

Ќе донесам правда. Правдата која ќе стане наш заштитен знак, наш бренд нејм. И колку сега сме обвиени во неправда мојот мотив е уште посилен да се спротивставиме на мафијата и оној трул систем кој не влече надоле. Затоа што имаме неправда, пред се кон обичниот народ кој е заглавен низ судските лавиринти, кој трпи не само законска туку и морална неправда. Не смее да имаме невини луѓе во затвор, патриоти кој се таму само затоа што ја сакаат Македонија, да имаме по затворите луѓе кои ограбиле трафика со повисоки казни од оние кои го ограбиле народот. Да имаме на слобода криминалци кои не се појавуваат во општеството како криминалци тука како успешни деловни луѓе, а се обогатиле на грбот на напатениот народ. Не браќа и сестри, тоа не може веќе така. Доста е. Нема малку или многу правда. Таа е апсолутна, таа е единствена и безмилосна. И еве тука сите вие и ви велам дека мора да биде така, да се избориме за правда, затоа што ќе немаме друга шанса. Правдата пред и над се.

И точно знам што говорам и знам дека ова е голема обврска, знам дека по преземањето на власта вие што сте блиску до мене сега, ќе има такви кои ќе се изгорите од мечот на правдата зошто сте нанеле неправда, и ви кажувам сега за да знаете дека нема да има изговори утре колку и тоа да било болно за нас, одговорност мора да има за секого. Правдата значи и одговорност, одговорност за секој направен престап, за секое огрешување кон законите и посрамување пред граѓаните. И тоа мора да го знаат сите функционери сега од оваа власт на Зоран Заев, Заевова власт. Но, потсетам треба да знае и самиот Зоран Заев и тука амнестија не му помага. Но тоа треба да го знаат и сите идни функционери во новата влада на ВМРО ДПМНЕ.

Нам ни требаат принципи. Јас верувам во принципи. Принципите се правила кои не дефинираат. Кои не разликуваат од другите. И знам дека сите вие мислите дека политиката е непринципиелна работа, а ова ваше мислење е такво зошто влечете искуство од сите претходни 29 години независност. Јас ќе ви кажам дека во политиката има принципи иако политиката до сега во Македонија не беше таква. И ние заедно со тие принципи ќе ги донесеме, воведеме и зацврстиме принципите во Македонија.

Не смее некој да има приоритет, а способните, вредните и најквалитетните да бидат на дното на листите на приоритети. Најквалитетните на врвот на листата на приоритети. Принципи!

Не смее повеќе на политиката да се гледа како извор на богатење, затоа ќе донесеме закон за испитување на потекло на имотот на функционерите и нивните семејства. Да видиме кој се збогатил со труд, а кој со крадење, а украденото оди назад кај граѓаните.

Принципите значат и замена на политиката на ниски страсти во политика на дела. Законот за јазици не го прави автопатот кон Блаце, или канализацијата во Арачиново, прогонот на Заев не ги стави вистинските криминалци зад решетки, еврооптимизмот на власта не ја донесе земјата во ЕУ, затоа што за сето ова треба работа. А, ЕУ значи принципи, а патот до таму значи работа, напорна работа кон која се обврзувам. И знам дека го одбираме потешкиот, но верувајте тоа е вистинскиот пат. Затоа што вербата во принципи е верба во вредности. Со чист образ пред народот. И не заборавајте ВМРО се роди затоа што веруваше во принципи, во слобода и во правдина. Тоа е нашиот код, неизбришлива емоција повеќе од еден век. И не го заборавајте тоа.

Мора да има промени. Промени во секој поглед. Промени на власта, за да дојдеме до промени во економијата, образованието, земјоделието, здравството. Промени во културата, начинот на размислување, промени на сликата за политичарот во Македонија. Денес сите ние се наоѓаме во еден процес во кој само ги броиме штетите од оваа власт, реално шоу каде секое утро одново се вџашуваме од криминалот, декаденцијата, долг серијал од скандали и афери. Потребни се промени за да заминат последните остатоци од транзицијата. Потребни се и промени на работите кои ги погрешија, но и на решенијата кои ги наметнаа. Реалноста не може да се игнорира, но тоа не значи дека не може да се промени.

И затоа ни треба победа. Победа над сите порази кои ни ги донесе Заев. А, поразите се неуспеси. Виткањето кима, трговијата со името, историјата, јазикот да ги замениме со принципи, и победи. Македонија губела, но и победувала, после секој пораз сме биле посилни, и помудри, но и посилно сме се кревале. Потребна ние победа поради Горан од Струмица, Марија од Битола, Трајче од Вевчани, Бесим од Гостивар, Томе од Куманово, но и Диме од Охрид кои ги споменав на почетокот. Ќе се бориме за победа поради секоја рака што ја стегнав изминативе години, поради секоја прегратка и искрен збор што го разменив. Победа поради нашите деца и поради идните неродени генерации. Но и победа поради нашите предци кои крвареа за да ние го имаме ова што го имаме денес.

Драги пријатели,

Многумина ми велат кажи им на политикантите во политиката дека нивното време помина, доста им е, доста го лажеа народот и ги искривуваа вредностите и еве овде пред вас сите кажувам.

Времето на политикантите пројде! Доаѓа професорот и ви кажува дека и промените доаѓаат, дека ја прекардашивте и дека ќе сносите одговорност за се ова што направивте.

Знам дека кај многумина постојат дилеми и скепса за тоа дали можеме или како ќе биде со нас. Знам дека владее сериозна апатија и разочараност од политичарите поради оправдани причини и досегашни искуства. Но ве уверувам дека ние сме поинакви. Ние сме вистинските луѓе кои се потребни, заедно да ја вратиме Македонија во рацете на народот, и да ја вратиме вербата во нас самите како народ како држава, да си го вратиме македонизмот во Македонија.

Едно младо момче, браќа и сестри, ме застана на улица и ми вели планирам да си одам од државата, не ја бива вака, не може повеќе вака. Посебно еве ќе ви дадам шанса и ќе видам што ќе направите. Ако вие ништо не направите, тогаш сигурно се пакувам и си одам. Можев да му кажам разни ветувања за брда и долини, се размислував. Можев да му кажам дека супер гласај ти за нас, обезбеди уште некој глас и ќе дојде рај, ќе дојде живот, ќе те вработиме кога ќе дојдеме на власт. Но така прават политикантите, тоа едноставно не сум јас. Нема ветување за кое не сум сигурен дека тоа можам да го остварам и во тоа ќе се уверите. Но најважно ми беше да го убедам во принципите во кои што верувам, како е сега, односно како не треба да биде, но и како треба да биде после 12-ти април 2020 година.

Имам и визија, нашата визија е обновата која содржи конкретни решенија.

Затоа, почитувани присутни, браќа и сестри, можам да се обврзам овде пред вас и заедно со вас на чесна и честита работа. Многу пот како оваа денешната, многу жилава и макотрпна работа, работа која што секој од вас ќе ја почувствува. Ќе бидете дел од обновата на Македонија. Ви ветувам дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ предводена од ВМРО-ДПМНЕ во 4 годишниот мандат ќе реализира проекти, капитални инвестиции за развој на нашата мила Македонија во вредност од не помалку 2 милијарди евра. Тоа јас ви го ветувам. Реализирани проекти. Не бројки на хартија. Реализирани, осмислени и испорачани проекти. За економија со брз раст, за сигурна иднина на нашите граѓани.

Се обврзувам и ви ветувам дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ предводена од ВМРО-ДПМНЕ во својот мандат ќе испорача проекти во вредност преку странски инвестиции, домашни инвестиции, во вредност не помала од 4 милијарди евра, се обврзувам овде пред вас.

Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ во својот 4 годишен мандат ќе  вложи не помалку од 1 милијарда евра за заштита на животната средина, да ни дишат најмилите чист воздух.

Проекти во енергетската ефикасност и брза експресна гасификација на Македонија. Проекти во вредност од не помала од една милијарда евра.

И не можам да ви ветам дека веднаш ќе почне да дува чист алпски воздух. Тоа е невозможно. Но можам да ви ветам најмалку 50-тина почист, амбиентален воздух за македонските граѓани. За граѓаните на Македонија.

Инвестиции во образованието за најмладите од претшколска возраст. За студентите, реновирани студентски домови. Најмалку еден универзитет на Шангајската ранг листа. Во вредност од не помалку од една милијарда евра во образованието. Кое што е најважно за иднината на нашата држава.

Не криминални тендери во здравството, не криминални тендери за нови замислени клинички центри. Нови болници и реновирани амбуланти, клинички центри според потребите на граѓаните, повеќе од две милијарди евра во еден мандат. Инвестиција во здравството и во медицинскиот кадар. Да не ги полниме клиниките во Европа и во светот со нашите доктори. Тука да останат во Македонија и да ги лекуваат македонските граѓани.

За земјоделците подготвуваме специјален пакет, редовна исплата на субвенциите, а не редици еднаш годишно. Загарантиран откуп се што е во моќта на владата, ќе сториме за загарантираниот откуп да стане реалност за земјоделците. Неколку стотици милиони евра, инвестиција во земјоделието за поддршка на земјоделците кои што ја хранат Македонија, а од плодот кој што го раѓаат нашите ниви ја хранат и Европа и светот.

 

За највозрасните, за пензионерите враќање на стариот модел каде што два пати годишно  растеа пензиите. Тоа што им го укина Зоран Заев заедно со Царовска Мила. Раст на пензиите според трошоците  за живот и порастот на просечната плата во Македонија  два пати годишно. Се обврзуваме дека тоа ќе го направиме.

За бизнис заедницата, за оние коишто денеска се жртва на рекетот, притисоците, уцените и заканите на најбогатото семејство на Балканот кое што уште неколку месеци ќе биде власт во Македонија.

Враќање на рамниот данок и сукцесивно намалување по половина процент секоја година повеќе од  милијарда денари назад во бизнисот, па повелете инвестирајте за развој на Македонија и развој на вашиот бизнис. Вработувајте луѓе во нас ќе имате пријатели, никој нема да ве уценува, никој нема да ве рекетира секој таков случај, мојот телефон ви стои на располагање. Пријавете го за неправдата. Нема компромис колку и да е близок, колку и да бил тој човек со мене. Ослободете се , инвестирајте, креирајте работни места за овој народ, за македонскиот народ  и граѓаните на Македонија.

Спортот и културата како државен проект, да се радуваме во оваа сала повторно на големините на  ракометните имиња, на европскиот шампион, ракометниот клуб „Вардар“ од Скопје. Да се радуваме на успесите на женскиот ракометен првак повторно „Кометал Ѓорче Петров“. Да се радуваме на одбраните на министерот за одбрана, Борко Ристовски. Да се радуваме на головите на проектилот Кирил Лазаров. Да се радуваме заедно за успесите на кошаркарската репрезентација како што тоа ни го приреди на европското првенство во Литванија, се сеќавате ли височините беа прениски за нив. Не постоеше кошаркарска велесила  која што не беше совлада.

Да се надеваме на Спартанците на одбојкарите кои што ни го обелија образот оваа година на европското првенство повторно да се вивнат во европските и светските височини.

Да се потсетиме на боксерите, да се потсетиме на олипјиските медали, на медалите од европските и светските  првенства на нашите боксери. Да се потсетиме на светската титула на „Јака Бучим“ од Радовиш во борење. Да се потсетиме на гладијаторската борба на Шабан Трстена на олимпијските игри, на европските првенства. Да се потсетиме на „Баргала“ од  Штип, боречкиот клуб.

Спортот како државен проект заедно со културата, да се врати назад, успехот на фудбалскиот клуб „Вардар„ во лигата на Европа, следната големина да биде лигата на шампиони за ФК„Вардар“.

Поддршка за сите останати спортски клубови коишто играа, се натпреваруваа и носеа успеси и резултати за Македонија.

Да помогнеме како држава и како влада конечно нашата фудбалска репрезентација да се најде на едно европско, на едно светско првенство и повторно да се радуваме  како што се радувавме на голот на Артим Шакири, како што се радувавме на головите на Пандев и Панчев.

 

Тоа е она браќа и сестри  кое што ќе го понудиме во овој четири годишен мандат.

На Македонија и недостасуваат вакви радости, ваква надеж која ќе ја донесеме, заедно и силно. Придружете во овој бран на промени и верба по принципи. Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци, сиромашни и богати, работници, земјоделци, стопанственици, учителки, наставници, лекари, патриоти, браќа и сестри  да застанеме заедно затоа што  само така можеме да си ја донесеме обновата во Македонија.

Драги пријатели, на почетокот од овој спектакуларен настан денеска  ја слушнавте песната „HERO”, на Македонија и треба херој. Но, ако некој помислил дека јас се самопрогласив за херој, тогаш греши.

Вистинскиот херој сте токму вие, македонскиот народ, народот на Македонија, нејзините граѓани. Вие сте херојот кој е тука низ сите битки и премрежја пред кој јас се поклонувам и симнувам капа со раката на моето срце. Вие сте тие кои што сте херој на оваа земја, секој еден од вас.

12-ти април е тој ден, а денес Македонија е на нозе. Доаѓа обновата, а се се` работи за една цел, да ја смениме оваа корумпирана влада и политичари, и да изградиме влада која ќе ви служи вам, македонскиот народ, на граѓаните на Македонија.

Со целото срце, со силна верба, пот и жилава истрајност се исправаме, а ќе се бориме за правда, ќе се избориме за принципи, ќе се избориме за промени, и ќе се избориме за Македонија да победи. Победата ни е потребна за обнова, затоа што само така можеме да ја оправдаме нашата кауза и нашата верба дека Македонија има иднина.

Затоа што си ја сакаме оваа земја со целото наше срце.

Тоа е борбата и за вашите семејства, борба за вашето достоинство, чест и углед, борба за преземањето на судбината во вашите раце, и иднината на нашата убава Македонија.

Досега секогаш бевте лојални на Македонија, време е да имате Влада и премиер кој ќе ви биде лојален вам.

Кажете им Македонија се буди, Македонија го возвраќа ударот кон сите кои удираа по Македонија.

Заедно ќе ги решаваме проблемите. Заедно ќе победиме, заедно ќе ги менуваме работите, заедно ќе донесеме иднина во која што веруваме.

Да сте живи и здрави!

Да ни е здрава, жива и вековита нашата Македонија!

Треба да знаете
Последни објави