Иако не е во водство по првиот изборен круг, Колинда ќе го добие вториот претседателски мандат

По првиот круг на претседателските избори во Хрватска, на кои најмногу гласови освоија социјалдемократот Зоран Милановиќ и кандидатката на ХДЗ и актуелна претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, политичките аналитичари укажуваат дека резултатот во вториот круг ќе зависи од гласачите на независниот кандидат Мирослав Шкоро.

Аналитичарот Жарко Пуховски вели дека изборите, на кои Милановиќ освои 29,57 отсто од гласови, Грабар-Китаровиќ 26,64, а Шкоро 24,4, ја покажуваат моќта на двете традиционално најсилни политички партии во Хрватска – ХДЗ и СДП.

– Изборите покажаа дека станува збор за соочување на партиите. СДП, над сите очекувања успеа да постигне добри резултати, подобри од што покажуваа предизборните анкети, вели Пуховски за порталот Индекс, предвидувајќи дека во вториот круг ќе победи актуелната претседателка.

– Милановиќ е формално победник во првиот круг од изборите, но неговиот резултат ниту одблиску не е таков што би му давал какви било шанси во вториот круг, изјави за Хина хрватскиот политички аналитичар Давор Џенеро.

Гласовите од десницата на овие избори беа поделени меѓу Шкоро, кој повеќе гласови доби во Славонија, и Грабар-Китаровиќ, која беше повлијателна во Далмација, се согласуваат политичките аналитичари.

За она што ќе се случува во вториот круг, Џенеро и Пуховски се согласни дека мнозинството гласови кои ги доби Шкоро ќе се прелеат кај кандидатката на ХДЗ, што ќе и донесе победа.

– Гласовите од Шкоро, во однос два спрема еден, ќе отидат кај Грабар-Китаровиќ, додека една третина нема да излезат на избори, што ќе биде доволно таа да победи, оцени Пуховски.

Грабар-Китаровиќ освои најмногу гласови во странство од сите кандидати во првиот круг. За неа надвор од Хрватска гласале 54,3 отсто од гласачите, за Шкоро 34,26, а за Милановиќ 5,84 отсто. Во резултатите од странство се уште не се пристигнати гласовите од прекуокеанските земји – Аргентина, Бразил, Чиле, Канада и САД.  Хрватските иселеници имаа можност да гласаат во 47 земји, а актуелната претседателка победи во 15 од нив, додека во Русија и Холандија има ист број гласови со Милановиќ, кој победи во 14 држави. За Шкоро најголем број избирачи гласале во 11 земји, меѓу кои и Германија, каде за неаго гласале 55,43 отсто од избирачите.

Треба да знаете
Последни објави