Потпретседателката на опозициската Партија на слободата и правдата (ССП) и пратеничка Мариника Тепиќ, го обвини денеска српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ за собирање пари од бизнисмени и дилери со оружје со цел повлекување на признавањата на Косово, прашувајќи дали тој со ова ја има злоупотребено службената должност.
– Дали Дачиќ ја злоупотребил службената позиција со тоа што прибавувал пари за повлекување на признавањата на Косово од реномирани бизнисмени и трговци со оружје, и дали Дачиќ само од Слободан Тешиќ (ставен на црната листа на САД) земал повеќе од еден милион евра готовина? И дали во одредени ситуации на сето тоа бил сведок и шефот на кабинетот на Дачиќ, Никола Недељковиќ, изјави Тепиќ на прес-конференција во српското Собрание.
Како што јави допсникот на МИА од Белград, Тепиќ наведе дека целата операција за повлекување на признавањата на Косово е придружена со собирање пари од бизнисмени и дилери со оружје и дека е потребно полицијата и обвинителството да ја испита имотната состојба на Никола Недељковиќ и поврзаните лица.
Тепиќ додаде дека српскиот претседател Александар Вучиќ морал да биде запознат со тоа и го повика со „молскавична брзина” да и одговори на нејзините прашања.
Одговорите на сомнежите што ги покрена, ќе бидат, рече Тепиќ, „интересни не само за домашната, туку и за меѓународната јавност”.
На изнесените сомнежи на Тепиќ веднаш реагираше шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ, кој за истакна да „лагите презентирани од Мариника Тепиќ дека од бизнисмени сме собирале пари за повлекување на признавањето на Косово, ќе ги користат сите наши непријатели и тоа најдобро покажува колку таа, (Драган) Ѓилас и Сојузот за Србија (СзС) ја мразат земјата, а очекуваат поддршка од граѓаните”.
– Беџет Пацоли, Рамуш Харадинај и Албин Курти добија сојузници во Мариника Тепиќ и СзС , кажа Дачиќ, додавајќи дека „ниту еден динар, евро или долар не бил земен од ниту еден претприемач, ниту пак Србија ова го користела за да плаќа за повлекувањата на признавањето на Косово”.