Македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас со гол постигнат уште во 5 минута на „Сан Сиро“ му обезбеди победа на Наполи во дербито против Милан (0:1) во италијанската Серија А. Медиумите во Италија не штедат зборови за македонскиот „дијамант“ кој со 22 години игра се подобро и постандардно во тимот на Наполи. И тренерот на Наполи, Лучијано Спалети по мечот не го криеше своето задоволство.
-Елмас е момче кое може да направи се. Тој е шампион, изјави Спалети.
Според пишувањата на престижниот весник „Ла Република“, Елмас со игрите оваа сезона покажал дека е новото „злато“ на Наполи. Според пресметките на Интернационалната фудбалска опсерваторија, вредноста на Елмас оваа сезона достигнала сума од 70 милиони евра.