Американец ограбил банка во Колорадо, а потоа ги расфрлил парите викајќи „Среќен Божиќ“

Маж со бела брада е приведен со кауција од 10.000 долари поради грабеж на банка во Колорадо и фрлање на украдените пари во воздух со извици „Среќен Божиќ“ кон минувачите, јавија полицијата и локалните медиуми.

Дејвид Вејн Оливер (65) бил уапсен во кафуле на „Старбакс“ во билизина, откако ја ограбил банката „Академи“ во Колорадо Спрингс во понеделникот попладне, соопшти полицијата.

Се наведува дека осомничениот се заканил дека ќе употреби оружје, а банката ја напуштил со пари чии износ засега не се наведува.

Портпаролот на полицијата не бил достапен за коментар, но локалната ТВ-станица ККТВ објави изјава на очевидецот Дион Паскал според која Оливер излегол од банката и почнал да фрла пари насекаде.

„Тој фрлаше пари од торбата и почна на цел глас да вика ‘Среќен Божиќ’“, изјавил Паскал.

Сведокот додал дека некои минувачи зеле дел од парите и ги вратиле во банката, додека Оливер влегол во „Старбакс“, седнал и чекал полицијата да го уапси, јави ККТВ.

Весникот „Денвер пост“ цитираше изјава од полицијата според која од банката биле земени илјадници долари, додавајќи дека нема индиции оти Оливер користел оружје при грабежот.

Полициските фотографии прикажуваат дека Оливер има сиво-бела коса и целосно бела брада, налик на Дедо Мраз.

Тој во моментов е задржан во окружниот затвор Ел Пасо каде го чека своето прво појавување пред судија, закажано за во четврток. Сè уште не е познато дали има ангажирано адвокат.

Треба да знаете
Последни објави