Зоран Иванов, син на генералната секретарка на собранието Цветанка Иванова, ги отфрла обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека негова фирма „ДИКОР“ добила тендер за зимско оддржување на патишта во несоодветна постапка, бидејќи, според опозициската партија, неговата фирма дури отпосле ја набавила потребната механизација од Грција, пренесува „Фокус“.
„Мојата фирма, тендерот распишан од страна на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта за извршување на патни работи во зимски услови на територијата на подрачјето на Штип, го доби во постапка во која ги запази и ги исполни сите неопходни услови. Фирмата „ДИКОР ЦД“ ДООЕЛ Струмица сиве овие години работи професионално, успешно и целосно почитувајќи ги сите законски прописи и постапки“, реагира Иванов.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев вчера на прес конференции обвини дека синот на Цветанка Иванова, кој воедно е и бизнис партнер на Трајче Заев, под сомнителни околности добива тендер, без да ги исполнува потребните услови и критериуми кои се бараат во истиот.
-Нормално, СДСМ и Владата молчат, него никаде го нема, а мајка му која е генерален секретар на Собранието на Република Македонија не знае дека синот и заработил тендер кој може да достигне вредност од над 300.000 евра, рече Јанушев.