Децата од малите групни домови предновогодишно се дружеа со Заев и Царовска

Децата од малите групни домови од поранешните институции „11 Октомври”, „25 Мај” и „Ранка Милановиќ” денеска предновогодишно се дружеа со премиерот Зоран Заев и со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

На неформалното дружење децата пееја, играа и раскажуваа како им е исполнет денот во новите домови коишто тие ги нарекуваат дома, но раскажуваа и кои им се соништата кои сакаат да ги остварат. По дружењето во медија центарот, децата имаа можност да ја разгледаат Владата. Премиерот ги однел во неговиот кабинет, ја виделе и салата за седници на Владата, по што премиерот ги угости во својот кабинет како и свечената сала, соопшти владината прес-служба.

Во салата за седници, децата ги „презеле” улогите на министрите, и заедно со премиерот Заев и министерката Царовска „изгласале” едногласна одлука на “детската Влада на Република Северна Македонија” која гласела „сите деца во нашата земја треба да се среќни!”

Децата добија и новогодишни подароци од Владата, а како благодарност за гостопримството на претседателот на Владата и на министерката Царовска им подарија фотографии коишто сами ги фотографирале на фото сафари како дел од едукативна работилница за фотографија.

– Бескрајно сме среќни и благодарни што имаме прилика да ја посетиме Владата. Ова се за случува првпат поради што сме многу возбудени, го пренесува владината прес-служба ставот на воспитувачите од малите групни домови.

Премиерот Заев на дружењето рекол дека со отворањето на малите групни домови целосно е променет концептот за грижа кон децата во Северна Македонија.

– Сакам да ви кажам дека сме тука, стоиме зад вас, вие сонувајте и остварувајте си ги сите соништа кои сте ги зацртале, наша света задача е да ве поддржиме и да ви помогнеме во остварувањето на вашите соништа, рекол Заев.

Најважно од се, дополнил,  е вистински да го слушнеме гласот на секое дете. Да им помогнеме, да ги поддржиме, бидејќи само со слушање на гласот на децата ние ги поставуваме темелите врз кои треба да ги креираме идните политики. Заеднички да изградиме општество во кое нашите млади ќе сакаат да живеат, каде ќе можат безбедно и среќно да растат, да се развиваат и да успеваат, потренцирал премиерот Заев.

Министерката Царовска истакнала дека децата се непроценлив потенцијал за развојот на една држава и затоа Владата овозможува секое дете да расте и да го развива својот потенцијал којшто е значаен за општеството.

– Ова е преемотивно за мене. Вие сте нашата гордост!”, рекла министерката Царовска

Низ песни и креативни точки, децата го пресликале своето секојдневие и раскажале за своите таленти.

– За секое дете – љубов затоа што ништо друго на светот не е поважно од децата и ниту едно дете не смее да страда и да живее во страв. Деца кои добиваат поттик во својот развој, деца кои веруваат во себе, кои се истрајни, емпатични, и кои учат и откриваат нови нешта, знаат како да се справат со разочарувањата,. Тогаш ние создаваме просперитет, како и понапредни, посилни, поуспешни и побезбедни општества, рекла Царовска.

Со процесот на деинституционализација Министерството за труд и социјална политика една година порано од планираното успеа да ги извади сите деца од институции. Досега низ цела држава се отворени вкупно 22 групни домови во коишто во атмосфера налик на семејната живеат 180 деца. Министерството за труд и социјална политика продолжува посветено да се грижи за секое дете и да ја јакне јавната свест за потребата, значењето и користа од процесот на деинституционализацијата.

Треба да знаете
Последни објави