Висок извор во Москва изјавил за „Спутник“ дека зад прогонот на новинарите од оваа новинска куќа во Естонија стојат британски покровители.
„Властите на Велика Британија во последно време презедоа низа агресивни чекори против руските медиуми: го принудија дописникот на рускиот весник да го напушти Лондон, не му издадоа работна виза на руски новинар во Британија, не пуштаат извесен број руски новинари на настани, намерно им ја отежнуваат работата. Русија ќе го земе тоа предвид кога ќе носи симетрични мерки“, вели изворот.
Претходно, беше објавено дека Лондон без објаснување во 2019 година одбил да им издаде визи на извесен број руски новинари, што е очигледно нарушување на нивните права. Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, коментирајќи ја ситуацијата, изјави дека никој не го укинал принципот на реципроцитет.
Вработените во естонската редакција на „Спутик“ на 18 декември добиле писма од полицијата и од правосудните органи со директни закани дека против нив ќе бидат поведени кривични постапки ако до 2020 година не престанат да работат за агенцијата „Росија сегодња“.
Естонските власти ги навеле санкциите од ЕУ од 2014 година како основа за можна законска постапка, иако од „Росија сегодња“ тврдат дека агенцијата не е спомената на листата со санкционирани ентитети од страна на ЕУ.
Во извештајот се наведува дека во последните неколку недели вработените во естонската редакција на „Спутник“ повеќепати биле повикувани во полиција на информативни разговори во текот на кои им било препорачано да ја напуштат агенцијата.
Притисокот врз руските медиуми е редовна појава во балтичките земји. Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека станува збор за оркестрирана кампања на Естонија, Латвија и на Литванија, што, според Министерството, ја прави нивната декларирана посветеност на слободата на говорот само реторика.