Американската сајбер-команда прави тактика за информациска војна против високи руски функционери и бизнисмени во случај Москва да се обиде да се вмеша во претседателските избори во 2020 година во САД, пишува „Вашингтон пост“ повикувајќи се на неименувани извори.
Целта на сајбер-командата, според податоците на весникот, би можеле да бидат претставници на руската елита. Во исто време, не станува збор за претседателот Владимир Путин зашто таквиот чекор би бил премногу провокативен.
Американската војска долго време користела психолошки операции – делела памфлети во Ирак за да ја убеди војската на Садам Хусеин да ѝ се предаде на полицијата, но интернетот, социјалните мрежи и паметните телефони ги проширија дострелот и прецизноста на оваа тактика, нагласуваат од „Вашингтон пост“.
Во септември годинава шефот на сајбер-командата на копнените сили на САД, генерал Стивен Фогарти, изјави дека Пентагон пред изборите во 2020 година активно подготвува концепција за информациска војна во сајбер-просторот.
Според Фогарти, Вашингтон треба отворено да им каже на своите претставници да изведуваат вакви операции бидејќи со тоа ќе се покаже подготвеноста да се возврати на евентуалниот напад.



