Започната е голема акција за пронаоѓање на повеќе исчезнати скијачи, откако четири лавини погодија ски центри во Австрија и Швајцарија. Австрискиот ски центар Анкогел е погоден од три лавини, додека швајцарскиот Андермат од една.
Како што објавија локалните медиуми, на патеките се наоѓале голем број скијачи. Австриец на возраст од 26 години минал повеќе од пет часа под снегот кога бил затрупан од лавина на австриските Алпи. Скијачот бил спасен од службите за итни случаи, пренесоа денеска австриските медиуми.
Швајцарската полиција на вонредна прес-конференција соопшти дека повеќе луѓе се однесени на носилки.
– Пријавен е голем број на жртви, изјави шефот на оперативната кантонална полиција Рето Пфистер.
Тој нагласи дека станува збор за голема лавина, а во потрагата и спасувачката акција учествуваат три хеликоптери. Помагаат и итни медицински екипи, шумска служба за спасување и 20 цивили кои се пријавиле доброволно.
Шест лица се спасени од снегот и сите се швајцарски државјани. Двајца се пренесени в болница, а четворица не се повредени.
Полицијата се сомнева дека има уште затрупани луѓе, поради што акцијата продолжува. Не е познато што ја предизвикало лавината.