Ширум Црна Гора, граѓаните синоќа ги блокираа патиштата во знак на протест против најавеното усвојување на закон за слобода на религијата.Законот, според неговите критичари, предвидува и заплена на имотот на Српската православна црква (СПЦ).
Последен во низата градови кои се приклучија на блокадите е Никшиќ, каде граѓаните го блокираа излезот,односно кружниот тек, јавуваат црногорските медиуми.
Претходно бил блокиран мостот, автопатот Бјело Поље – Мојковац, како и патот кон границата со Албанија, а група граѓани од Херцег Нови исто така го блокирале патот кај Зеленика. Граѓаните исто така го блокирале кружиот тек во Будва, каде им се придружил и градоначалникот на Будва, Марко Царевиќ.
Во меѓувреме, полицијата ги одлобирала приодите кон Подгорица и привела неколку лица.
Според Советот за цивилна контрола на полицијата, на булеварот на излезот од Подгорица, полицијата интервенирала против група од околу триесет лица кои го блокирале сообраќајот со своите моторни возила, и дека неколкумина, меѓу кои и еден свештеник, биле уапсени.
„Им беа издадени наредби, по што се користеше сила кон една група кои беа отстранети од асфалтот и се употреби и спреј. Оние коишто даваа отпор се приведени. Според полициските информации, ниту едно од нив не е повредено. Меѓу нив има и еден свештеник, кој исто така го блокираше сообраќајот со возило и даваше отпор“, рече претседателот на Советот Александар Саша Зековиќ.
„Вијести“ јавуваат дека свештеникот кој бил приведен е монахот Никола Булатовиќ (51) од манастирот во Беране.
Демонстрантите во Никшиќ го блокираа тунелот Будош.На патот кон тунелот, тие биле пречекувани од групи граѓани кои и се приклучувале на толпата. Демонстрантите во Никшиќ претходно пробиле полициска блокада и се движеле кон тунелот Будош.
Тие извикувале „Мило, крадец, не ти ги даваме светилиштата“, носејќи факли, пренесува In4s.