Новинарот Баневски го прашал Боки дали рекетира, тој рекол „Оваа телевизија мора да живее од нешто“

Денеска во судот за случајот „Рекет“ сведочи Христијан Баневски, поранешен новинар во 1ТВ и водител на „Информативен магазин“ кој рече дека добивал нарачки од Бојан Јовановски-Боки 13 да најавува истражувачки стории во централниот информативниот блок на 1ТВ, кои ниту биле започнати ниту некогаш се реализирале.

-Уште првиот месец ми рече да најавувам дека ќе вршиме испитување на амбалажираните води во земјава. Ми беше побарано повеќепати да кажам дека ќе испратиме мостри на испитување. Мостри никогаш не испративме, а додека го најавував истражувањето пред мене стоеше шише со вода од Пелистерка“, кое ни стана спонзор, рече Баневски.

На новинарот му бил сомнителен случајот со Перо Колевски, сопственик на „Адриа“ од Велес.

-Знаеше и Бојан да даде свои идеи и упатства како треба да тече емисијата која ја водев. Евнаш бев повикан во канцеларијата на Јовановски, беше присутно уште едно лице, не го знаев. Ми дадоа информација дека во „Адриа“ од Велес месната индустрија, наводно имало криминали. Во зградата на сопственикот на таа фирма, бил штаб на една политичка партија, која не плаќала кирија, и има судир на интереси. И беше приказна за истражување. Но, мене ме чудеше односот на Бојан. Откако ми го даде бројот на сопственикот, Бојан беше заинтересиран само дали тој се уплашил кога јас го контактирав, а неговата првична реакција на тој човек беше дека како телевизија сме рекетари, дека не сака да има ништо со нас, и дека не сака да разговара, и ми спушти. Бев вознемирен, затоа што не се сметам за рекетар, рече новинарот.

Тој објасни дека сакал уште еднаш да се обиде па по една недела пак го побарал Колевски, кој сега се согласил да снимаат.

-Во тој период Бојан инститираше да одиме во Велес, да ја снимаме фабриката. Барав да го прашам Јовановски, стигнав до него и го прашав дали го рекетирате овој човек, тој ми одговори: „Оваа телевизија мора да живее од нешто, сведочеше Баневски.

Треба да знаете
Последни објави