Возилата ќе се даночат според еколошката категорија. Од први јануари, за возила до 10.000 евра вредност, износот на данок ќе се пресметува само според емисијата на ЦО2. Разликата во еколошката категорија на возилата ќе се отслика во висината на данокот и кога станува збор за возила со дизел и бензински мотори. Возило со иста вредност и иста емисија на ЦО2, ако е со бензински мотор ќе плати помал данок. На пример, за сите возила со вредност до 10.000 евра и емисија на ЦО2 од 130 грама на километар, ако се со бензински мотор данокот ќе изнесува 6.500 денари а ако моторот е дизел – двојно повеќе.
-Притисокот на граѓанскиот сектор за загадувањето на животната средина е жесток и со право, зашто за здравјето нема алтернатива. Министерство за финансии и Царинската управа одговараат на дел од предизвиците поврзани со загадувањето на воздухот со системско, а не со ад-хок решение. Минатата среда пратениците го изгласаа новиот Закон за данок на моторни возила. Со него за прв пат се воведува принципот: ако возилото помалку загадува, за него има помал данок – рече министерката за финансии Нина Ангеловска на презентацијата на новата регулатива за оданочување на возилата при увоз.
Директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски посочи дека мотивирањето на граѓаните да набавуваат возила што помалку загадуваат ќе биде заедничко залагање на повеќе институции каде се планира спроведување на посебни мерки. Сегашните бројки упатуваат на тоа дека 82 проценти од набавуваните возила се половни, а само 18 проценти нови возила.
Со Уредба, којашто Владата ќе ја разгледува на утрешната седница, се утврдува начинот на пресметка на данокот на моторните возила врз основа на два критериуми: емисија на јаглерод диоксид – ЦO2 изразен во грамови по километар и вредност на возилото. Возилата со пониска емисија на ЦO2 стануваат економски поисплатливи за набавка во однос на оние кои имаат повисока емисија на ЦO2.
Министерката Ангеловска нагласи дека новиот Закон за данок на моторни возила е прв закон за оданочување на возила кој не води сметка само за висината на приходите во буџетот туку прв пат се вградува компонента што ја стимулира набавката на еколошки возила и со тоа придонесува за намалување на загадувањето. Со тоа се стимулира обнова на возниот парк на систематска основа, што е многу важно, затоа што возниот парк во државата е стар меѓу 15 и 18 години.
Во Буџетот за 2020 година буџетските приходи од новиот данок се очекува да бидат колку и од акцизата на возилата во 2019.
-Со измените се стимулира набавка на нови возила преку изземање од давачки за одредени возила, оние што се користат за прва помош, погребални услуги и преку враќање на платен данок за нови возила наменети за такси превозни услуги, каде повратот на данок зависи од конкретната намена на возилото. Кај моторни возила ќе има 25 проценти поврат на данок, а кај возила со седишта 7+1 и 8+1 што ќе се употребуваат за такси услуги и за потреби на компании ќе се враќа данок до 80 проценти. За поттикнување на употребата на електричните возила, за сите категории од овој вид е пропишано ослободување од посебен данок на моторни возила. Хибридните возила ќе подлежат на ослободување до 50 проценти од данокот – објасни Танасоски.
Според возниот парк во државата, процена е дека просечната емисија на ЦО2 е околу 170 гр./км. Границата која е поставена за производителите на нови возила за 2020 година во ЕУ е 95 гр./км CO2. Во моментов просекот во земјите на ЕУ е 130-140 гр./км CO2. На ниво на ЕУ, автомобилите се одговорни за околу 12 проценти од вкупните емисии на јаглерод диоксид, главен стакленички гас.