Археолошкиот музеј одбележа 95 години од основањето

Во Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија денеска беше одбележан јубилејот 95 години од официјалното основање на оваа институција – 1 април 1924 година.

– Од тие години започнало собирањето и згрижувањето на предметите кои станале дел од музејските збирки и кои до денешен ден се центарот на музејскиот свет. Се менувале имињата на институцијата, се вршеле преселби од зграда во зграда. Постарите колеги доаѓале, па си заминувале во пензија, доаѓале помлади колеги, но музејските предмети се тие што се сржта и суштината на овие 95 години, изјави директорката на Археолошкиот музеј, Славица Бабамова.

Македонскиот историчар на уметноста и поранешен почесен конзул на Јапонија, Коста Балабанов вели дека е одлична идејата да се прослави 95-годишнината на музејот, за да се видат со луѓето со кои подолго време заедно работеле.

– Луѓето кои работеле изминатиот период се многу значајни и заслужни за да се каже дека Македонија е волшебна земја на археологијата. Тоа значи дека и овие луѓе што работеле се волшебни археолози. Ние изгледа многу малку се интересираме за луѓето кои што во одредена сфера нешто оставиле, нешто направиле. Ентузијазмот на овие луѓе покажува со каква љубов тие работеле. Најзначајното за нив беше да откријат, да протолкуваат и нормално да остават зад себе една приказна за тоа што се случувало низ вековите на оваа територија низ која поминале две, три или не знам колку цивилизации, рече Балабанов.

Универзитетскиот професор Елеонора Петрова вели дека овој музеј е прва научна институција формирана на ова тло.

– Одлуката за формирање на оваа институција е донесена во Белград во 1922 година, а самото нејзино формирање е во 1924 година. Оттогаш наваму низ оваа институција поминале плејада на научници, археолози, историчари на уметноста на градители на археолошкиот сон на овие простори и не само на просторот на Македонија, туку и пошироко во поранешна Југославија. Сите тие се вградиле во таа институција и сите придонеле значењето на оваа институција да биде толку големо колку што се тие самите големи, рече Петрова.

Таа додаде дека за 100-годишнината специјално и детално ќе подготват кој тоа се вградил во темелите на оваа институција и како таа е градена.

Треба да знаете
Последни објави