Вчера во спортската сала „Независна Македонија”, во Кисела Вода се одржа новогодишен настан насловен: „Распеана волшебна елка”.
Во преполната сала, публиката околу два часа имаше можност да ужива во прекрасните музички и драмски настапи на учениците од Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов”, Посебното основно училиште „Златан Сремец” и ООУ „Невена Георгиева – Дуња”. Музички настап со своите ученици имаше и македонската фолк ѕвезда, Боби Спасенцовски.
Покрај преубавите настапи, на настанот, присутните беа изненадени со една многу убава вест. ООУ „Невена Георгиева – Дуња” од БИОТЕК лабораторија, како новогодишен подарок доби опремување на сензорана соба. За оваа цел, директорот на училиштето, Хари Стојановски и генералната директорка на лабораторијата, Анкица Синадинова Базерко во салата потпишаа меморандум за соработка.
Новогодишната манифестацијата со бројните гости ја проследија градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски и претседателот на Советот на Општината, Дарио Шимиќ.
Директорот на ООУ „Невена Георгиева – Дуња”, Хари Стојановски благодарници за досегашната успешна соработка им додели на градоначалникот Темелковски, директорот на ОУ „Кочо Рацин”, Јовица Остојиќ и на директорот на ДУРДМОВ „Димитар Влахов”, Горанчо Јакимов.
Денеска во салата на Советот на Општина Кисела Вода се одржа новогодишен настан. Дечињата кои поголемиот дел од денот го поминуваат во објектите „Пепрутка 1 и 2″ на ЈДГ „8 Март” заедно со своите воспитувачки и негувателки пред присутните ги покажаа своите музичко-ритмички и драмски способности.
На крајот на настанот на децата на вработените во Општина Кисела Вода им беа поделени новогодишни пакетчиња.