Недореченост го мати есапот со водата за пиење за шеесетина илјади тиквешани

Недореченост во договарање од минатото што се однесува на хидросистемот „Бошава” и натаму го мати есапот со водата за пиење за шеесетина илјади тиквешани. Директорот на подружницата на АД „Водостопанство”, Ристе Манев, потврди за МИА дека во прашање е водата за пиење, но и за наводнување. Сериозниот проблем со водата за пиење од хидросистемот „Бошава”, за кој се бара решение, веќе има и судска постапка, што е во тек. 

– Тужител е АД „Водостопанство” на Република Северна Македонија, ние тужиме, бидејќи го имаме комплетното водно право над таа вода, објектите се наши, водиме вода триесет километри. Плаќаме работна рака 12 месеци. Одржувањето на системот е комплетно наше. Тужено е Јавното претпријатие „Комуналец” од Кавадарци. Судскиот епилог сè уште не е завршен. Одржано е едно рочиште. Сè уште нема конечен исход од судската постапка. Се очекува таа да заврши. Не можам да прејудицирам, вака или така. Тоа е сепак работа на Судот. Во меѓувреме, одржан е состанок со претставници на „Водостопанство”, градоначалникот на кавадаречката општина и директорот на комуналното претпријатие. Начелно е договорено дека ќе се склучи договор, нешто што е неминовно, со кој „Комуналец” ќе ни плаќа за водата за пиење од овој систем, рече Манев.  

Тие како „Водостопанство” во многу подружници низ државата, освен за наводнување и за индустриски капацитети, обезбедуваат и вода за пиење, која потоа им ја давале на комуналните претпријатија, кои понатаму стопанисувале со неа

– Пред да се потпише таков договор, ќе има постапка во која нашата државна регулаторна комисија ќе треба да се произнесе за цената по која водата за пиење ќе ни ја плаќа комуналното претпријатие. Тоа практично значи дека комуналното претпријатие нема да ни ја плаќа водата, туку услугата. Дистрибуцијата на вода, како и останатите трошоци што „Водостопанство” ги има. По судската пресуда, „Комуналец” ќе треба да достави извештај до својот управен одбор, па одлуката за намирување на долгот кон нас да се одобри на Совет на Општина Кавадарци, додаде тој. 

Сопствената вода некој друг ни ја наплатува 

За оваа анализа, Манев потсети дека пред неколку години беше формирано јавно-приватно партнерство помеѓу водостопанското претпријатие и странски инвеститор, кој изгради мини хидроцентрали на хидросистемот. 

– Според договорот за јавно-приватно партнерство, со траење од 27 години, предвидено е јавниот партнер да добива четири проценти од произведената струја, во рок од 11 години. Останатите 16 години, 11 отсто. За време на активна наводнувачка сезона, од 15 април до 15 октомври, кога нам ни треба вода за наводнување, приватниот партнер има обврска да ни пушта. Ако има повеќе вода отколку што нам ни треба, таа разлика ја користат за производство на електрична енергија. Во останатиот период од годината, кога нам не ни е потребна вода за наводнување, приватниот партнер ја користи водата за да произведува струја. Со договорот за јавно-приватно партнерство, за кој сметам дека е штетен за нас, но морам да го почитувам, ние како јавен имаме обврска кон приватниот партнер да надоместиме за неговата изгубена добивка, во случај кога одредени количини вода не можат да се искористат за производство на електрична енергија, надвор од договорениот рок во кој приватниот се обврзал да му дава вода за наводнување на јавниот партнер, во случајов нам. Затоа што колку повеќе вода ќе земе „Комуналец” за пиење, толку повеќе ние треба да платиме на партнерот заради изгубена добивка, затоа што поголема количина вода произведува повеќе електрична енергија. Колку повеќе добива „Комуналец”, толку повеќе губиме ние. Тоа е тој фамозен членво кој се вели дека изгубената добивка ќе ја надомести јавниот партнер, ние. Досега плаќавме за вода што не ја користиме, бидејќи нам во јануари и во февруарина примерне ни треба вода за наводнување. Доколку немаше потреба од вода за пиење, сè ќе беше во ред. Водата за пиење го мати есапот, тоа што ја нема неа во договорот, а реално има потреба од неа во одредени периоди од годината, дециден е директорот на подружницата „Тиквеш”. 

Тој информира за МИА дека во 2017 и 2018 година „Водостопанство” му има платено 3 милиони и 300 илјади денари на приватниот партнер за вода искористена за пиење, преку Јавното претпријатие „Комуналец”. 

– Ја искористи комуналното, ние плативме. Не бараме сите да ни ги вратат, туку само она што значи изгубена добивка. Во тој период комуналци и општината постојано бараа да им се пушти вода за пиење. Ние не сакаме да профитираме, само не сакаме да бидеме во загуба. Не бараме да ни платат ни дистрибуција ни одржување на системот, туку само да ги платат парите што приватниот партнер ги има наплатено од нас на име изгубена добивка, бидејќи водата, наместо за производство на струја, заврши во чешмите на населението. Излегува дека сопствената вода некој друг ни ја наплатува. Има ли логика? Без оглед на сè, ова мора еднаш правно да се реши. Тие пари за нас се големи, сериозни пари, ние живееме од наводнувањеа знаеме какви се состојбите во земјоделството. Ние плативме за вода што тие ја искористија и наплатија. Очекувам да склучиме договор со „Комуналец” и пред да биде донесена   пресудатарече директорот.  

Се очекува да растат потребите за вода

На прашање на МИА околу тоа, можни ли се и во иднина рестриктивни мерки кога е во прашање водата за пиење, имајќи го предвид овој проблем, Манев со одговор дека во иднина се очекува да растат потребите за вода за пиење, поради многу причини. Квалитет на живот, повисок стандард, развој на индустрија. 

– Што ќе се случи кога потребите на населението од вода за пиење ќе бидат толку високи, па во текот на наводнувачката сезона сета вода што ја има во хидросистемот би ја земало комуналното претпријатие за водоснабдување? Дали ние тогаш ќе треба на земјоделците да им кажеме, извинете, водата што треба да ви ја дадеме за наводнување, ни ја земаат за пиење. Законот за води во членот 15 дефинира приоритети, па на прво место е водоснабдувањето, ама тоа не значи на ваков начин, како во нашиот случај. Нам, што имаме постојно водно право, да ни се каже оваа вода, наместо за наводнување, ќе се користи за пиење, бидејќи тоа е приоритет. Не оди тоа така. Државата веќе издала водно право, ние го имаме, па пред да се пренасочи таа вода од едно исто водно тело, за пиење на населението, треба да се најде алтернативно решение за вода за наводнување. Како инаку да им објасниме на земјоделците со кои имаме традиционална соработка, па тие чекаат да им обезбедиме вода за наводнување, реагираше Манев. 

Само еден дел од проблемот ќе се надмине со новиот договор 

Манев смета дека само еден дел од проблемот се надминува со евентуалниот договор помеѓу „Водостопанство” и „Комуналец”. 

– Затоа што прашање е дали оваа цена што ќе ни ја плати комуналното претпријатие, за услугата за дистрибуција на водата за пиење, ќе ја покрие изгубената добивка, која „Водостопанство” би ја имало, доколку таа вода ја користи приватниот партнер за производство на електрична енергија. Целосно решение на проблемот би било кога јавниот не би требало да има обврска кон приватниот партнер за надоместување изгубена добивка. Ако сме ние носители на водно право како јавно претпријатие, имаме наша инфраструктура и објекти за наводнување, не може да плаќаме изгубена добивка. Апсурдно е, нелогично, несфатливо да се плаќа, кога имаме дефинирано водно право, водостопанска дозвола да ја користиме таа вода. Наместо да имаме добивка од тие 4 отсто, кои според договорот би требало за нас да значат профит, ако вака продолжи како досега, ние ќе дојдеме во ситуација да треба да плаќаме, наместо да имаме добивка. Затоа што тие 4 проценти ќе бидат помала сума од онаа што ќе треба да му ја платиме на приватниот партнер на име изгубена добивка за непроизведена струја, дециден беше Манев за МИА. 

Во врска со ова истражување, а со цел објективно информирање, се обративме и во кавадаречкото комунално претпријатие. 

– Јавното претпријатие „Комуналец” е подготвено заедно со општините Кавадарци и Росоман да се реши повеќегодишниот проблем со водоснабдување за општините Кавадарци и Росоман. Точно е дека неколку пати сме одржале состаноци со претставници на „Водостопанство” на кои сме биле кооперативни и сме се изјасниле дека решението е во интерес на сите, но во никој случај кавадарчани и росоманци не смеат да останат без вода за пиење. Се обидуваме да ги отстраниме недореченостите од минатите години и случајот да добие завршница со која ќе бидат задоволни и двете страни. Вода за пиење мора да има, а таа покрај тоа мора да биде и со прифатлива цена. Не треба да се заборави дека и државата и општините имаат инвестирано големи суми за решавање на овој проблем, а водата за пиење е приоритет, категоричен беше директорот Ѓорѓи Поп Ицов.

Треба да знаете
Последни објави