Косовската полиција го уапси кандидатот за пратеник од редовите на Социјалдемократската иницијатива (Нисма) Хаџи Хоти, кој вчера му упати смртни закани на лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, кој се очекува да биде иден премиер на Косово откако неговата партија победи на парламентарните избори во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Веста во изјава за медиумите ја потврди портпаролот на косовската полиција Даут Хоџа, кој информира дека на Хоти му е одрдена мерката притвор во траење од 48 часа.
Хоти вчера, преку објава на Фејсбук, му порача на Курти дека „има две можности: или да го напушти Косово или да биде убиен”.
Според Хоџа, полицијата, по информацијата објавена на социјалните мрежи, постапи според службената должност согласно законските овластувања, третирајќи го случајот како „поттикнување на убиство”.
– Сите дејствија се преземени во соработка и во координација со судските органи, осомниченото лице беше побарано и не беше пронајдено дома, на истиот му е оставен налог да се јави веднаш во полиција и се запознаени сите полициски единици каде и да го најдат лицето да го приведат. На осомничениот по јавувањето во полиција по налог на обвинител му е одреден притвор од 48 часа заради натамошна процедура, се вели во изјавата на Хоџа за медиумите.
Хоти во постот, кој подоцна го избриша, извинувајќи се и правдајќи се дека дошло до „техничка грешка”, напиша дека „не е интерес на косовската држава” Курти да биде премиер.
– Џон Ф. Кенеди беше интерес на американскиот народ да биде претседател, но не беше интерес на американската држава да биде претседател. Албин Курти е интерес на народот на Косово можеби, но не е интерес на косовската држава да биде премиер. Албин Курти има две можности: или да го напушти Косово или да биде убиен”, напиша Хоти, кој како кандидат на Нисма на октомвриските избори, со освоени 307 гласа, не успеа да стана пратеник.
Покрај ВВ на Курти, пораката на Хоти јавно ја осуди и неговата партија, Нисма, како и Вјоса Османи од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), амбасадорката на Косово во САД Вљора Читаку и многу други личности од јавниот и политичкиот живот во земјата.