По кризната 2022 година, државата во новата година влезе со ранета економија, но и со бројни предизвици пред себе.
За последиците да не се прелеат во новата година, но и за да се постигне очекуваниот економски раст, потребно ќе биде многу работа но и нов пристап.
Во оваа година приоритет на економскиот тим на Владата ќе биде зауздување на инфлацијата, но и отворање на нови добро платени работни места кои ќе имаат повеќекратен позитивен ефект врз економијата.
Тоа, во своите настапи го потврдува и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
„Имаме неколку краткорочни приоритети на кои работиме веќе од вчера, денеска, утре. Првата е намалување и одржување на стапката на инфлација, без притоа економијата да влезе во рецесија.
Вториот приоритет е енергетска стабилност и диверзификација, притоа не заборавајќи на социјалниот аспект или праведната транзиција, како никој не би бил оставен изложен на ценовен шок и незаштитен. На ова работиме посветено и резултатите се веќе видливи, да не ги повторувам ги спомена и премиерот во своето обраќање.
Сметам дека финансиската поддршка за одржување на ликвидноста на компаниите треба да продолжи и следната година. Владата претходната година силно го помагаше стопанството што придонесе со одржување на економската кондиција и задржување на работните места, дополнително и инвестиции за зголемување на нивната конкурентност преку отворање на нови производни линии, унапредување на технологијата и инвестиции во истражување и развој.“ порача Битиќи пред неколку денови.
Покрај овие политики, сериозен предизвик ќе биде и даночната реформа, која според Владата треба да обезбеди праведно оданочување, но и повеќе пари во Буџетот.