Да се биде член на британското кралско семејство не е најлесната работа на Земјата. Малку од нас знаат колку тие всушност работат и кои се нивните должности.
Според официјални податоци, истакнати членови на кралското семејство работеле во просек 84,5 дена оваа година, или околу една третина од 253 работни денови во Велика Британија.
Единствената ќерка на кралицата Елизабета Втора, принцезата Ана, е највредна и најпосветена веќе трета година по ред, со вкупно 167 денови.
Наследникот на престолот, принцот Чарлс, се најде на второто место со 125 дена службени должности.
А 93-годишната кралица годинава работела 67 денови, четири повеќе отколку во 2018 година.
Овие бројки беа објавени во понеделникот од страна на Британската прес-асоцијација (Britain’s Press Association).
Детали за официјалните ангажмани на монархијата се запишуваат во Судскиот циркулар, дневен список на настаните на кои присуствуваат кралицата и нејзиното семејство.
Сепак, некои членови на кралското семејство вршат приватни ангажмани кои ја поддржуваат нивната јавна работа, што можеби не се вклучени во оваа листа.
На пример, кралицата, сега во 68-та година од своето владеење, добива црвена кутија со службени преписки секој ден, без разлика каде се наоѓа – во земјата или на патување во странство.
Членот на кралското семејство, кој е втор по ред да го наследи престолот, принцот Вилијам, работел 74 дена во изминатите 12 месеци. Неговата сопруга Кејт работела 58 дена.
Должностите на двојката вклучуваа турнеја низ Пакистан, поддршка на кралицата за време на државната посета на американскиот претседател Доналд Трамп во јуни, и трошење време на свои добротворни проекти.
Деветте најистакнати членови на кралското семејство – кралицата, Чарлс, Вилијам, Кејт, Ен, принцот Едвард, принцот Ендру, принцот Хари и неговата сопруга Меган – работеле 761 дена сите заедно.