Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска потпиша договори со уште четири општини за изградба на нови и проширување на капацитетите на градинки како дел од компонента од грант на Светска банка. Договорите Царовска ги потпиша со градоначалниците и овластени претставници на општините Карпош, Валандово, Пробиштип и Арачиново. Вкупната вредност на овие 4 договори е 133.900.000 денари, а со изградбата на објектите се обезбедува вкупен простор за 315 деца . Општина Арачиново со потпишувањето на овој договор ја добива првата детска градинска.
„Продолжуваме да создаваме повеќе простор во градинките којшто е неопходен за раниот развој на децата кои се иднината на нашата држава. Нашата цел е само со поддршката од Светска банка до јуни 2024 година да обезбедиме 7.500 нови места во градинките. Со последните 4 договори што ги потпишавме денеска ќе инвестираме во вкупно 13 градинки низ цела држава, и навистина се радувам што поголемиот дел од општините за прв ќе добијат објекти за згрижување и воспитание на децата“, рече министерката Царовска на потпишувањето на договорите за грантовите.
Министерката Царовска ги поздрави напорите и посветеноста на локалните самоуправи за инвестирањето во раниот детски развој. Им порача и во иднина да продолжат да инвестираат во грижата и воспитанието на децата бидејќи тоа е најважната инвестиција којашто носи до прогрес на државата.
Во текот на изминатата година преку истата компонента за којашто се обезбедени вкупно 15 милиони евра беа потпишани договори за изградба на градинки во Кочани, Неготино, Кисела Вода и Кавадарци, Ѓорче Петров, Струмица, Крива Паланка, Боговиње и Ресен.
За идната година од Буџетот на државата се издвоени 105 милиони денари за реконструкција, опремување и изградба на детски градини, а изминатите две и пол години беа инвстирани над 180 милиони денари.
Министерката Царовска истакна дека освен што се зголемуваат капацитетите се работи на подобрување на воспитните програми и на јакнење на кадарот којшто се грижи и ги воспитува децата. Само во последната година платите на вработените во градинките се зголемени за 21% што е најголемо покачување до сега.