По отслужувањето молитва во Соборниот храм „Христовото воскресение“ во Подгорица, свештенството и верниците тргнаа на молитвена прошетка со икони и црковни знамиња.
Претходно пред храмот верниците што сакаа да присуствуваат на службата формираа огромни редови.
По службата во храмот, верниците тргнаа во молитвена прошетка со икони и црковни знамиња од Соборниот храм до манастирот „Свети Симеон Миротворец“ и назад до градот.
Денеска речиси во сите градови во Црна Гора се служи литургија и молебен во присуство на голем број верници, кои изразија незадоволство од донесувањето на Законот за слобода на вероисповедта.
Спорниот Закон за вероисповедта во Црна Гора како државен имот прогласува верски објекти и земјиште што ги користат верските заедници на територијата на Црна Гора, кои биле изградени од државата или биле во државна сопственост до 1 декември 1918 година, а за кои нема докази за правна сопственост на верските заедници.
Иако црногорските власти тврдат дека не станува збор за напад врз Српската православна црква (СПЦ) и дека имотот на српската црква не е доведен во никаква опасност, според српските медиуми, сè поизвесно е дека официјална Подгорица со законот ќе добие можност да стави рака врз светостите на СПЦ во Црна Гора, меѓу кои и на Острог.
Во собраниската сала, по усвојувањето на предлог-законот за слобода на вероисповедта, се случија сериозни инциденти по кои беа уапсени членови на просрпската партија Демократски фронт.