Спасовски технички премиер, Чулев на чело на МВР, Мизрахи министерка за труд

Во следните сто дена, почнувајќи од утре Република Северна Македонија ќе ја предводи техничка влада, која ќе треба да ги организира предвремените парламентарни избори, предвидени за 12 април, според договорот на најголемите политички партии во земјата. Собранието денеска до полноќ се очекува да ја избере новата преодна влада, чиј премиер ќе биде Оливер Спасовски.

Спасовски е досегашен вицепремиер и министер за внатрешни работи, а за премиер во техничката влада доаѓа по предлог од највисоките тела на неговата матична партија СДСМ.  Според моделот за техничка влада, владејачката партија, односно СДСМ предложи и двајца дополнителни заменик-министри, и тоа во МВР – Славјанка Петровска и во Министерството за труд и социјална политика (МТСП) Санела Шкријејљ.

На фунцијата министер за внатрешни работи по трет пат е избран во мај 2017 година. Во периодот 2006-2008, 2011-2014 и 2016-2017 година бил пратеник во Собранието. Претходно работел како секретар на Општина Куманово и како советник на градоначалникот во Куманово. Според биографијата на Спасовски објавена на веб-страницата на МВР,  тој дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, а во моментов е магистранд по Управно право на истиот факултет. 

Славјанка Петровска е досегашен шеф на кабинет на Спасовски во МВР, додека Санела Шкријејљ досега работела како прв човек во кабинетот на министерката за труд и социјална политика.

Во преодната влада ВМРО-ДПМНЕ предлага министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, Наќе Чулев и Рашела Мизрахи, како и дополнителни заменик-министри за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, информатичко општество и администрација Невенка Стаменковска Стојковски и за земјоделство Цветан Трипуновски.

Предлог на ВМРО-ДПМНЕ за министер за внатрешни работи е Наќе Чулев, долгогодишен професионалец во областа на безбедноста, кој работел во Агенцијата за разузнавање. Тој е дипломиран криминалист со постдипломски студии по мир и развој на Институтот за одбранбени и мировни студии при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје. Во биографијата на Чулев стои дека посетувал Програма за тероризам и безбедносни студии Џорџ Маршал, Европски центар за безбедносни студии од Германија и Лондон, Велика Британија. Завршил обука и на Трансатланската академија (ТАСА) на Универзитетот Бон во Германија. Се усовршувал за трансформација на конфликти со мировни средства на Софискиот универзитет во Бугарија. Бил дел и од школата за балканската мрежа за човекови права во Дубровник, Хрватска. Учествувал и на безбедносниот форум за стратегиска комуникација и евроатланска интеграција што беше дел од НАТО-колеџ за одбрана. Има завршено обуки и доусовршувања во Велика Британија, Германија, Бугарија и други европски држави. Во периодот од 2013 до 2017 година бил директор на Агенцијата за разузнавање.

Чулев е втор предлог за министер за внатрешни работи во техничката влада на ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата прво го предложи Драган Ковачки, армиски полковник, но власта не го поддржа предлогот отворајќи дилема дали е во согласност со Уставот.

Рашела Мизрахи, која треба да биде министерка за труд и социјална политика, има докторирано на Универзитетот „Бар Илан” во Израел. Своето работно искуство го стекнува на Институтот за истражување во кардиологија – Нјуфелд, Медицински центар – Шива, Израел, како и на Физиологија на репродукција, лабораторија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” и повеќе други обуки. Мизрахи работела како консултант на глобален фонд во рамките на програмата за туберкулоза во Република Македонија, на мониторинг на лабораторија во Израел, како и асистент на Катедрата за физиологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје.

Цветан Трипуновски е предложен за нов заменик-министер за земјоделство. Тој има работено во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како државен советник. Претходно од 2015 до 2017 година ја извршуваше и функцијата директор на Државниот земјоделски инспекторат, а во периодот од 2006 до 2008 година е прв човек на државната фитосанитарна лабораторија. Трипуновски од 2008 до 2012 година беше пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, а од 2017 година е и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. По струка е дипломиран земјоделски инженер, а моментно е и постдипломец на Земјоделскиот институт во Скопје.

За дополнителен заменик-министер за финансии ќе биде предложена Гордана Димитриеска Кочоска. Димитриеска Кочоска е магистер по економски науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје. Вработена е во приватна компанија како финансиски консултант во областа на контролинг и финансии. Претходно работела во Стопанска банка, во Македонски телеком во секторот на даноци, во Министерството за финансии во Секторот за јавен долг, а воедно во одреден период е и директор за финансии во ЕЛЕМ, во времето кога со оваа компанија управуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Димитриеска Кочоска поседува обуки, професионални надградби и меѓународни сертификати од повеќе области, како што е анализа на финансиски извештаи, сметководствена аналитика, менаџирање, контрола и управување, завршила и Академија за контрола во Менаџмент-центар Белград, а лиценцирана од ЦА Академие АГ.

Актуелната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ Невенка Стаменковска Стојковски е предложена за заменик-министер за информатичко општество и администрација. Претходно работела во СЕП и во Агенцијата за странски инвестиции, каде што била координатор на економските промотори и работела на привлекување странски инвестиции. Таа е магистер по европско право и право на Европската Унија. Има знаење и практика од повеќе меѓународни обуки, како што е работа на прашања поврзани со ОН, организирана од Секторот за мултилатерала на МНР. Била ангажирана на националната програма за усвојување на правото на ЕУ, координација на ЕУ-фондови и други обуки.

Треба да знаете
Последни објави