Собранието за денеска во 12 часот закажа нова седница на која меѓудругите ќе ги разгледува Предлогот за избор на член на Државниот совет за превенција на детско престапништво, Предлог одлуката за давање согласност на Одлуката за висината на месечниот надомест што го наплатува Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување од пензиските друштва за 2020 година, како и Предлог одлуката за одобрување на Годишната програма за работата на Агенцијата за пошти за 2020 година.
Според предложениот дневен ред, на оваа седница треба да се расправа и по Годишната програма за работа и развој на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор за 2020 година, Предлог одлуката за давање согласност на предлогот на Годишната програма за работа и развој на Aгенцијата за цивилно воздухопловство за 2020 година и Предлог-одлуката за давање согласност на предлогот на Годишниот финансиски план на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2020 година.
Во рамки на седницата се бара и Собранието да даде автентично автентично толкување на членот 104 став (2) точка 3 од Законот за здравствената заштита поднесено од пратеникот Ивана Туфегџиќ.
Во меѓувреме, се очекува Собранието да свика седница на која ќе ја избере техничката влада во пресрет на предвремените парламентарни избори што треба да се одржат на 12 април, откако утрово премиерот Зоран Заев ја потпиша оставката на функцијата.
Откако за тоа формално ќе биде известен претседателот на Собранието Талат Џафери, тој свикува седница и Парламентот ја констатира оставката. Потоа претседателот на Собранието го известува претседателот на државата Стево Пендаровски, кој треба да му даде мандат на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој од највисоките партиски тела на СДСМ беше предлогот за технички премиер, а за кого има согласност и од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Спасовски потоа треба да ја предложи новата влада, а Парламентот да ја изгласа и тој владин состав ќе управува со земјава во периoдот до изборите и формирањетo на новата влада.
Преодната или техничка влада треба да биде избрана до полноќ, а веќе од утре таа да ја започне својата работа, чија основна цел е организирање слободни, фер и демократски избори. Техничка влада се формира сто дена пред избори.
Техничката влада треба да ги спроведе предвремените парламентарни избори. Во преодната влада, опозицијата, освен министер за внатрешни работи, предлага и министер за труд и социјална политика, како и дополнителни заменик-министри за финансии, информатичко општество и администрација и за земјоделство, а власта добива заменици во МВР и МТСП.
За министер за внатрешни работи, ВМРО-ДПМНЕ го предложи Наќе Чулев, професионалец од Агенцијta за разузнавање, откако СДСМ не го прифати предлогот Драган Ковачки, армиски полковник, да биде на оваа функција. Рашела Мизрахи ќе биде предлогот за министер за труд и социјална политика, заменик-министер за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, за информатичко општество и администрација Невенка Стаменковска Стојкоски и за земјоделство Цветан Трипуновски.
По предлог од СДСМ, заменик-министер за внатрешни работи ќе биде Славјанка Петровска, а за труд и социјална политика Санела Шкријејљ.