Со цел да ја зголеми мотивираноста кај младите и талентирани спортисти средношколци, Градот Скопје и годинава ќе додели стипендии на спортисти средношколци кои се жители на Скопје и учат во средните училишта на подрачјето на град Скопје. Јавниот повик за доделување стипендии на спортисти средношколци, ученици во средните училишта на подрачјето на градот Скопје за 2020 година е во тек, а ќе трае до 27.01.2020 година.
Право на добивање стипендија имаат државјани на Република Северна Македонија, жители на Скопје (10-те општини на подрачјето на Град Скопје) кои се редовни или вонредни ученици во средно училиште на подрачјето на град Скопје; активни спортисти и спортистки, членови на спортски клуб од подрачјето на град Скопје регистриран во матичната национална спортска федерација; да имаат високи спортски постигнувања во претходната 2019 година и во 2020 година сé до завршување на јавниот повик, на апликанти кои аплицираат за првпат; односно да имаат високи спортски постигнувања во претходната 2019 година од 14.02.2019 година, и во 2020 година сé до завршување на јавниот повик, на апликанти кои претходно добиле стипендија од Град Скопје.
Предвидено е да се доделат 120 стипендии на средношколци спортисти, кои ќе добиваат стипендија во вкупен нето-износ од 24.000 денари во тековната 2020 година.
Сите заинтересирани овој јавен повик може да го погледнат на веб-страницата на Град Скопје, а за дополнителни информации може да се јават на телефонските броеви 3297-238 и 3297-320.
Пријавите треба да се достават до Град Скопје, преку пошта на адресата булевар Илинден број 82, 1000 Скопје, или во Архивата на Градот Скопје (барака 16), најдоцна до 27.01.2020 година до 19 часот на последниот ден од завршувањето на Јавниот повик.
Стипендии за талентираните спортисти средношколци Градот Скопје доделува трета година по ред.